Мемеди вели дека вчера имало и неколку деца со поблаги симптоми кои добиле само амбулантски третман и биле пуштени дома, а денеска биле дојдени на контрола

Бројот на ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ кои се задржани на лекување на Клиниката за детски болести се искачи на пет, откако синоќа биле примени уште три деца. Ова денеска го информираше директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди.
Децата се со слична клиничка слика и симптоми сомнителни на алиментарна токсоинфекција (труење со храна) – со стомачна болка, повраќање, дијареја и зголемена температура.
„Сите деца добиле соодветен медицински третман и потребна грижа. Тие се во значително подобрена здравствена состојба. Сите се стабилни“,
вели Мемеди.
Тој појасни дека вчера имало и неколку деца со поблаги симптоми кои добиле само амбулантски третман и биле пуштени дома, а денеска биле дојдени на контрола.
Инаку, вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори кујната во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, откако голем број ученици се пожалија на стомачни тегоби.
Вчера до здравствените власти имаше пријави за влошена здравствена состојба кај девет деца, иако од настава поради болест отсуствувале 80-тина ученици.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВпочна вонредни инспекции во централниот магацин и во кујните на девет училишта во Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.
