Секое од трговските друштва е казнето со по 3 075 000 денари, додека висината на казната што се однесува за ССК, кои биле координатори, е 1 143 000 денари

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) изрече прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 13 443 000 денари против четири трговски друштва од пазарот на малопродажба на прехранбени производи и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
Секое од трговските друштва е казнето со по 3 075 000 денари, додека висината на казната што се однесува за ССК, кои биле координатори, е 1 143 000 денари.
Санкциите се изречени откако Комисијата утврдила дека друштвата и ССК учествувале во забранет договор или усогласено однесување, со што ја нарушиле конкуренцијата.
„Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) донесе решение со кое утврди дека четири трговски друштва, како и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) како координатор, учествувале во забранет договор и/или усогласено однесување во смисла на член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата“,
се вели во соопштението од КЗК.
Од КЗК велат дека во постапката е утврдено дека на состанок одржан на 5 февруари 2025 година, учесниците постигнале усогласен став за неприфаќање нови или зголемени ценовници од добавувачите.
КЗК посочи дека со ова се заменила состојбата на независно пазарно однесување со практична координација. Овој тип на дејство, кое претставува т.н. „by object“ ограничување на конкуренцијата, е строго забрането според Законот за заштита на конкуренцијата.
Глобите се изречени со цел превенција на идни нарушувања и заштита на слободната пазарна конкуренција.
