Готови се две студии кои треба да покажат – дали државното здравство и осигурениците ќе имаат ќар ако Итната помош и ин-витро оплодувањето заминат кај приватен партнер. Едната студија, за ин-витро оплодување, веќе е во рацете на министерот за здравство Венко Филипче. Студијата за Брзата помош е завршена, но не му е доставена

Првиот човек на ресорот здравство најави дека и за двете студии ќе има јавна дебата и расправа и дека веќе се направени одредени консултации.
„Денеска имав средба со претставници на гранковиот синдикат со кои се договоривме да бидат активно вклучени во анализа на сите резултати од физибилити студијата и заедно со сите претставници на здравствениот сектор, со сите синдикати, со стручните здруженија да отвориме дебата со експерти од други области за заеднични да одлучиме дали тоа нешто може да се имплементира во нашата земја, дали ќе ги видиме овие бенифити и на крајот начинот на кој би го имплементирале во нашиот здравствен систем“,
изјави министерот Филипче.
Што покажале студиите, сепак, засега е непознато. Она што може да се провери е кој ги изготвил и колку пари чинеле.

Тендерот за студијата за „изнаоѓање најдобар модел за искористување на капацитетите на одделот за ин-витро фертилизација при ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство Скопје“ го добила скопската фирма „Медицал Адванце “. Договорот со неа бил склучен на 20 март 2019 година и чини околу 11.500 евра. Студијата требала да биде готова за 60 дена или до 20 мај 2019 година. Фирмата „Медицал Адванце“ е основана во 2013 година.

На Бирото за јавни набавки можат да се најдат повеќе од 100 тендери кои досега ги добила оваа компанија, но речиси сите се поврзани со сервисирање или продажба на медицинска опрема. На интернет страница, „Медицал Адванце“ сепак истакнува дека нуди и консултантски услуги.

„Басме-кт“ е името на компанијата која го добила тендерот за студија за „можностите и капацитетите на услугата Брза помош…со цел изнаоѓање најдобар модел за воспоставување на јавно приватно партнерство“. Станува збор за постара компанија, чија специјалност се консултантските услуги.

Интересно е што студијата за Брзата помош го чинело министерството за здравство само 1.500 евра, што е седум пати поевтино од студијата за ин-витро оплодувањето. „Басме-кт“ потпишале договор со здравство на 29 јануари а студијата требала да биде готова на 29 март, односно пред три и пол месеци. Кога пред само четири дена „360 Степени“ праша во министерството до каде е оваа студија, добивме одговор дека било потребно подолго време за нејзина изработка, за што бил склучен и анекс на договорот во однос на рокот.
Итната помош и ин-витро оплодувањето не се единствените услуги кои министерството размислува да ги даде на приватен партнер. Како што веќе објави „360 Степени“, последната во низата студии за јавно приватно партнерство се однесува на лабароториските услуги.
Во различна фаза на постапка се и за барање приватен партнер за ПЕТ центарот и за стерилизацијата на болниците. Министерот Филипче во неколку наврати изјави дека не станува збор за „приватизација“ на јавното здравство, туку за барање начин како осигурениците да добијат подобра услуга. Повеќе детали, можете да прочитате ТУКА.