Согласно законските надлежности, додаваат од Инспекторатот, затекнатите производи во количина од над 3 000 пакувања, со вредност од над еден милион денари или околу 16 илјади евра, се привремено одземени и предадени на Агенцијата за управување со одземен имот
Од извршени инспекциски контроли во 23 фирми што вршат трговија на мало со тутун и тутунски производи, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во 16 од нив затекнале поголеми количини тутунски производи за кои овие правни субјекти не поседувале соодветна документација од добавувач и ги немале потребните ознаки, односно акцизни марки.

Контролите, како што информираат од ДПИ, биле спроведени на 17 и 18 ноември на територијата на Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга.
Согласно законските надлежности, додаваат од инспекторатот, затекнатите производи во количина од над 3 000 пакувања, со вредност од над еден милион денари или околу 16 илјади евра се привремено одземени и предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
„За констатираните прекршоци, Државниот пазарен инспекторат, постапувајќи согласно законските надлежности, издаде прекршочни платни налози, за неправилностите достави известување и до другите надлежни институции, Царинската управа и Министерството за внатрешни работи за нивно понатамошно постапување“,
се вели во соопштението на Пазарниот инспекторат, што го пренесува МИА.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат со спроведување на инспекциските надзори со цел, како што велат, утврдување и санкционирање на нелегалната трговија на територија на Република Северна Македонија.
