Одлуката следува по неуспехот на парламентот на Косово да изгласа нова влада по изборите што се одржаа на 9 февруари годинава
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го распушти косовскиот парламент и распиша вонредни парламентарни избори на 28 декември. Одлуката следува по неуспехот на парламентот да изгласа нова влада по изборите што се одржаа на 9 февруари годинава.

„Во согласност со Уставот и важечкото законодавство, а по прифаќањето на денешната одлука на парламентот на Косово за невозможноста за формирање влада од страна на вториот мандатар, претседателката денеска го распушти деветтиот парламентарен состав“,
се наведува во указот потпишан од Вјоса Османи.
Османи ја објави одлуката по состанокот со лидерите на парламентарните политички партии, на кој се разговарало за датумот на одржување на изборите. Лидерите на политичките субјекти предложиле два датуми – 21 и 28 декември, но таа се одлучила за 28 декември поради подготовките на Централната изборна комисија (ЦИК) за изборите, како и веројатноста за поголема излезеност на гласачите на овој датум.
Косовската претседателка изрази надеж дека веднаш по изборниот процес без никакво одолговлекување ќе биде конституиран новиот состав на парламентот, а веднаш потоа да биде избрана и владата.
По изборите во февруари годинава, ниедна политичка партија не успеа да освои мнозинство во косовскиот парламент. Движењето „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти освои најмногу пратеници, но недоволно за самостојно за да го изгласа новиот состав на владата.
