На прашањето дали докторот имал личен интерес од тоа што ѝ го дал лекот, таа одговори негативно. Посочи дека самата се пријавила како сведок во случајот бидејќи почувствувала граѓанска одговорност
Пациентика штo примала хемотерапија и имунотерапија денеска сведочеше за случајот „Онкологија 2“ во Кривичниот суд Скопје. Таа сподели ситуација од нејзиното лекување на Клиниката за онкологија, кога една од терапиите ѝ била дадена надвор од стандардната процедура и без да биде евидентирана во регистарот.

Како што вели, при едно од нејзините доаѓања на Клиниката, докторот Нино Васев ѝ соопштил дека лекот што требало да ѝ биде препишан е во недостиг и оти биле останати само три шишенца. Но, веднаш потоа ѝ рекол дека ќе добие едно, без да биде евидентирано во документацијата за нејзината историја на болеста.
„Деветтиот пат кога дојдов, чекавме ред за преглед. Како и секогаш, ме повикаа во ординацијата, а таму беше д-р Нино со уште две сестри. Врз основа на мојата историја на болеста, ми објасни дека во моментот се дефицитарни со лекот, но имаат сочувано уште три шишенца. Додаде и дека лекот ќе има поголема ефективност кај мене, оти сум помлада. Ми рече оти ќе ми даде едно шишенце, но дека нема да го запише во регистарот дека сум го примила. Го стави шишенцето во историјата и заедно со сестрите отидовме во дневната амбуланта да ми го аплицираат“,
рече таа.
Потоа, додаде, била во дилема зошто примената терапија не била запишана во регистарот, иако нагласи дека не ѝ било побарано да плати за да го добие лекот.
„Во моментот се израдував што ќе го примам лекот. Но, до ден-денеска ми остана прашањето зошто тоа така се изведе, зошто не се запиша во извештајот како редовно примен циклус. Дневниот упат за да се прими лекот го потпишува матичниот онколог, а потоа сестрата го носи кај директорот, кој треба да стави печат и потпис. Но, тогаш тоа беше како неформално нешто“,
кажа таа.
На прашањето дали докторот имал личен интерес од тоа што ѝ го дал лекот, таа одговори негативно. Посочи дека самата се пријавила како сведок во случајот бидејќи почувствувала граѓанска одговорност.
Одбраната побара да се ограничи предметот за наводниот финансиски криминал, а не за начинот на лекување на пациентите.
Судењето за „Онкологија 2“ денеска започна одново поради промена на поротник.
Обвинението против поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и економскиот директор Нехад Нухи се однесува на злоупотреби, измама и проневера од 2018 до 2022 година, со штета од околу 36 милиони евра. Обвинетите негираат вина, а Одбраната тврди дека обвинението е политички мотивирано.
Покрај „Онкологија 2“, против Васев и уште двајца лекари се води и процесот „Онкологија 1“, за несовесно лекување пациенти.
