Ревизорите нотирале и дека не е воспоставена ажурирана евиденција за филмските продуценти, дистрибутерите, киноприкажувачите, како и за филмовите снимени со средства од државниот буџет. Недостасува и евиденција за филмовите што се дистрибуирани и прикажани во домашните кина
Слабостите во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат, е заклучокот во Конечниот ревизорски извештај за работата на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија за 2024 година од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Со извршената ревизија за 2024 година се изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.
„Утврдените состојби со извршената ревизија за 2024 година упатуваат на заклучокот дека состојбите утврдени со Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година, како и со ревизорските извештаи од претходниот период се повторуваат и утврдените слабости не се надминуваат“,
пишува во соопштението од ДЗР.
Според ревизорскиот извештај, во 2024 година постои континуирана промена на раководната структура што влијае на начинот на работењето и остварувањето на основната цел на Агенцијата за што е формирана.
„Агенцијата во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, што влијае на квалитетот на извршување на нејзината дејност и работа. Тој недостиг го надополнува со ангажирање на лица по договор на дело, без спроведена постапка за исполнетост за условите и квалификациите за соодветното работно место“,
заклучиле ревизорите.
Според извештајот, обврските по неисплатени проекти по одобрени средства од буџетот на Министерството за култура и туризам за кои се склучени договори за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм, како и за фестивали бележат тренд на континуирано и значително зголемување особено во периодот од 2022 година до 2024 година.
„Соодносот одобрен буџет/обврски по проекти изнесува еден наспрема пет, што укажува дека во континуитет Агенцијата презема повеќе обврски од одобрениот буџет. Значителното зголемување на обврските на Агенцијата ги нарушуваат барањата на Законот за финансиска дисциплина како и начелото на сигурно финансиско управување предвидено со Законот за буџетите и може да доведе до судски постапки и трошоци по основ на камати“,
стои во извештајот.

Ревизијата утврдила и дека не е извршен попис на средствата, побарувањата и обврските во Агенцијата, како и во претходните години, што е сериозен пропуст во финансиското управување на институцијата.
Агенцијата нема ниту изготвено Стратегија за развој на филмската дејност, со што недостигаат јасни насоки за долгорочниот развој и приоритетите во оваа област.
Ревизорите нотирале и дека не е воспоставена ажурирана евиденција за филмските продуценти, дистрибутерите, киноприкажувачите, како и за филмовите снимени со средства од државниот буџет. Недостасува и евиденција за филмовите што се дистрибуирани и прикажани во домашните кина.
Утврдено е и дека е извршено поништување на Конкурсот за финансирање на филмски проекти (игран, документарен и анимиран филм) без законски основ, што претставува прекршување на пропишаните процедури.
„Констатирани се слабости во постапката за спроведување на конкурсите за филмски проекти и фестивали, како и отсуство на интерен акт или процедура која би ги дефинирала правилата за спроведување на овие постапки. Причина за тоа е укинувањето на претходно важечкиот Правилник за поддршка на филмски проекти. Агенцијата не воспоставила целосни и навремени контроли во процесот на реализација на филмските проекти и фестивали. Недостасува документација од страна на продуцентските куќи за докажување на исполнетите услови, што укажува на ризик од ненаменско користење на доделените средства“,
стои во извештајот.
Евидентирано е дека е склучен договор за финансирање на проектни активности на здруженија од областа на филмската дејност без законски основ, што е прекршување на законската рамка.
Агенцијата нема организирана и воспоставена единица за внатрешна ревизија, иако и тоа е законска обврска.
Ревизијата утврди дека продуцентите кои добиле средства по конкурси, а чии филмови се завршени и имаат премиера, не ја доставуваат комплетната документација за докажување на остварената бруто-добивка од филмските проекти.
„Агенцијата притоа не го остварува своето право на учество во добивката во висина од 50 отсто од сопственото финансирање“,
велат од ДЗР.
Ревизорите известуваат за потребата од доуредување на Законот за филмската дејност за потребните квалификации за именување членови на Филмскиот совет во делот за тоа кои лица се сметаат за истакнати поединци од областа на филмот и културата, како и за висината на банкарската гаранција што треба да ја обезбедат филмските продуценти.
