За ексградоначалникот Мерко се наведува дека во својство на прв човек на Струга, ја искористил својата службена положба и пречекорувајќи ги овластувањата, потпишал одобрение за градење на семејната куќа од првопријавениот Н. К. (53), кој како инвеститор со градежна механизација на 15 октомври срушил стара струшка куќа, а при правење ископ ги поткопал темелите од јужниот ѕид на соседната спомен-куќа на Владо Малески
Струшката полиција поднесе кривична пријава против пет лица, меѓу кои и ексградоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, во врска со уривањето на заштитената спомен-куќа на авторот на македонската химна Владо Малески.

Првопријавен е Н. К. (53) – инвеститор од струшко Велешта поради сомнение за оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.
Во кривичната пријава поднесена од МВР се наведува дека тој како инвеститор, на 15 октомври годинава, спротивно на решението за издавање заштитно конзерваторски услови, со градежна механизација на катастарска парцела во Струга срушил стара струшка куќа, а при правење ископ ги поткопал темелите од јужниот ѕид на соседната спомен-куќа на Владо Малески која од 2017 година е заштитена како значајно културно наследство.
„Второпријавената В. Н. (62) од Охрид во својство на архитект-конзерватор во националната установа ‘Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид’, на основниот проект за семејна куќа втиснала службен печат и ставила потпис и одобрила мислење за усогласеност со идеен проект со што свесно постапила спротивно на Законот за заштита на културното наследство, спротивно на планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и спротивно на решението за издавање на заштитно конзерваторски услови, издадено од Министерство за култура – Управата за заштита на културно наследство“,
велат од МВР, додавајќи дека кривичната пријава против неа се однесува за „несовесно работење во службата“.
Третопријавен е ексградоначалникот Рамиз Мерко, кој во својство на прв човек на Струга, ја искористил својата службена положба и пречекорувајќи ги овластувањата, спротивно на актите од Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и решението од Управата за културно наследство, потпишал одобрение за градење на семејната куќа од првопријавениот.
„Четвртопријавениот Н.Н.(56), како раководител на Одделението за урбанизам во општина Струга, со пречекорување на службената положба го изготвил одобрението за градење, а го одобрил петтопријавениот Ѓ.Д.(59) како помошник раководител на Сектор за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животна средина во општина Струга“,
наведуваат од МВР.
По уривањето на дел од спомен-куќата на Малески во Струга на средината од октомври годинава, министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека веднаш ќе се започне со изработка на проект за обнова и реставрација на заштитениот објект.
