На лицето му биле вратени 10 000 евра, сума која согласно Законот за девизно работење нерезидентите можат да ja изнесат од државава без да пријават, а останатиот износ од 84 000 евра е привремено одземен

Царинските инспектори од мобилните тимови од Секторот за контрола и истраги на граничниот премин „Табановце“ во текот на вчерашниот ден запленија девизи кои српски државјанин имал намера нелегално да ги изнесе од државава, соопшти Царинската управа.
Поради сомневање во изјавата која ја дал патникот, дека нема што да пријави и дека со себе носи помалку од 1 000 евра, царинските инспектори извршиле детална контрола на возилото и притоа на совозачкото седиште под машка јакна во црна рачна торбичка пронашле 44 000 евра, а во багажниот простор на возилото во црна кожена ташна биле пронајдени дополнителни 50 000 евра или вкупно 94 000 евра, за кои лицето не поседувало документ за потекло на парите и не ги пријавило.
На лицето му биле вратени 10 000 евра, сума која согласно Законот за девизно работење нерезидентите можат да ja изнесат од државава без да пријават, а останатиот износ од 84 000 евра е привремено одземен.
