Со ова, како што објавија од движењето на социјалната мрежа Инстаграм, порачуваат дека од денеска судската власт е под лупа. Оттаму бараат непристрасен, професионален и целосно транспарентен судски процес, ослободен од, како што велат, политичките канџи
Граѓанското движење „Кој е следен“ истакна транспарент на кој пишува „Ве гледаме!“ пред дигитализираната судница при КПУ „Идризово“, каде денеска треба да започне судењето за пожарот во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Со ова, како што објавија од движењето на социјалната мрежа Инстаграм, порачуваат дека од денеска судската власт е под лупа. Оттаму бараат непристрасен, професионален и целосно транспарентен судски процес, ослободен од, како што велат, политичките канџи.
„Оние што денеска ќе се облечат во црните тоги имаат обврска да покажат интегритет, храброст и почит кон законот. Ќе одолеат ли на притисоците на центрите на моќ или уште еднаш ќе ја потврдат недовербата на граѓаните?“,
се вели во соопштението на „Кој е следен“, објавено на Инстаграм.
Правдата за сите жртви од пожарот во Кочани, како што додаваат, не е жалба, туку должност.
„Правда мора да има. Ве гледаме!“,
порачаа оттаму.
Во големата дигитализирана судница при КПУ „Идризово“ денеска почнува судењето за пожарот во Кочани, каде што загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Со полициски комбиња утрово во судницата се донесени неколкумина од обвинетите што се наоѓаат во притвор за случајот со пожарот во т.н. кабаре „Пулс” во Кочани. Пред судницата се присутни повеќемина родители и роднини на настраданите во пожарот, кои чекаат да го следат почетокот на судењето. Пред, околу и во судницата е видливо големо полициско обезбедување.
