Скопскиот градоначалник информира дека се земени примероци од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот што е во сопственост на правно лице. Најави анализа на елаборатот за животна средина што фирмата е должна да го поседува, со цел да се утврдат причините и евентуалните неправилности во нејзините оперативни процеси
Од средишна шахта на булеварот „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба доцна синоќа е забележано масивно истекување на хемиска пена, соопшти на својот фејсбук-профил градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Истечената пена, како што посочи, потекнува од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.
На местото на настанот е извршен вонреден инспекциски надзор од Инспекторатот на Град Скопје, а инспекторите направија детален увид на терен.
„Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина. Надлежните институции веднаш постапија. Земени се примероци од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот што е во сопственост на правно лице“,
напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Најави анализа на елаборатот за животна средина што фирмата е должна да го поседува, со цел да се утврдат причините и евентуалните неправилности во нејзините оперативни процеси.
„Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон фирмата ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки“,
вели тој.
Според него, нема да биде дозволено никакво отстапување, а секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде институционално санкциониран.
