Елисејската палата соопшти дека договорот вклучува и системи за воздушна одбрана, бомби и беспилотни летала – нова опрема што не доаѓа од сегашните залихи на француските вооружени сили
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во Париз потпишаа 10-годишен договор за испорака на 100 борбени авиони „Рафал“ за јакнење на одбраната на Украина.

Елисејската палата соопшти дека договорот вклучува и системи за воздушна одбрана, бомби и беспилотни летала – нова опрема што не доаѓа од сегашните залихи на француските вооружени сили.
По потпишувањето на договорот, францускиот претседател Макрон порача дека обновата на украинската војска е клучен елемент во колективната безбедност и дека треба да се оспособи да го одврати секое ново навлегување на на својата територија или во нејзиниот воздушен простор.
„Договорот ја покажува посветеноста на Франција да ја постави својата индустриска и технолошка извонредност во срцето на Украина и Европа. Украина дели историја со Европа, потребно е да ѝ се овозможи да стане слободна и европска. Сè е подготвено за мир, само Русија одбива да го прифати. Соочени со таа тврдоглавост и непопустливост, остануваме решени и непоколебливи во нашата посветеност на мирот“,
порача Макрон, додавајќи дека Франција продолжува со модернизацијата на украинската војска.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави потпишувањето на договорот и порача дека со него ќе се овозможи значително јакнење на украинските одбранбени капацитети.
„Украина ќе може да добие 100 авиони ‘Рафал’, четири француски радари, осум системи за противвоздушна одбрана, шест системи за лансирање бомби. Тоа ќе биде најголемата противвоздушна одбрана, една од најголемите во светот“,
рече Зеленски по потпишувањето на договорот.
