Во однос на барањето за покачување на минималецот на 500 евра, Ристески рече дека сè додека не се постигне договор за зголемување на минималната плата во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС), ќе важи постојната формула за нејзино пресметување
Во врска со качувањето на цените и непочитување на претходните мерки, тој кажа дека се изречени казни од 150 милиони денари односно дека 2,5 милиони евра се слеани во буџетот на државата

Засега не се планираат мерки за да се спречи евентуално зголемување на цените на храната кои внимателно се следат, вели заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
„Имаме редовни контакти со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) кој оваа година има направено рекордни над 20 000 надзори во сите субјекти на цела територија на Македонија и изречени се казни за непочитување на законите, посебно околу непазарното однесување на одредени трговци и маркети“,
вели Ристески.
Во врска со качувањето на цените и непочитување на претходните мерки, тој кажа дека се изречени казни од 150 милиони денари односно дека 2,5 милиони евра се слеани во буџетот на државата.
„Ние и натаму ги следиме цените, гледате дека инфлацијата е горе-долу стабилизирана со благ пад. Ако утврдиме дека има такви непазарни, нелогични зголемувања на цените, ќе размислуваме со какви мерки ќе дејствуваме. Сега засега нема да има мерки“,
вели тој.
Одговарајќи на новинарски прашања, Ристески најави зголемување на глобите за непочитување на Законот за трговски практики. Како што објасни, сега пропишаните максимални 20 000 евра се всушност минимална сума, посебно за поголемите синџири маркети кои многу лесно можат да ја поднесат. Овие законски измени се очекува да бидат донесени и да почнат да важат во почетокот на 2026 година.
Тој напомена и дека е предвидена изработка на стандардизиран софтвер за транспарентност на цените во маркетите што ќе го имаат сите трговци и маркети кои ќе треба редовно да го ажурираат. Софтверот ќе може да го користи и секој граѓанин за да креира сопствена кошничка, согласно цените на производите во неговата околина.
„Законот за нефер трговски практики треба максимално да се почитува. Ние имаме редовни контакти со Комисијата за заштита на конкуренцијата и од она што го имаме како сознанија од нивна страна, е дека досега имаат поднесено околу 30 налози за глоба. Тие постапки се пред Управен суд. Колкава ќе биде висината на глобите изречени за непочитување на овој Закон, треба да очекуваме наскоро да има конечни решенија од Управниот суд“,
рече Ристески.
Инаку, како што рече, во овој период има многу повеќе пријави од страна на добавувачите кои многу повеќе се охрабрени, отколку на почетокот кога почна примената на Законот.
Во однос на казните чие зголемување се планира по Нова година, заменик-министерот напомена дека кога тие ќе бидат повисоки и повеќе ќе „удрат“ по џебот на трговците кои го изигруваат, тогаш Законот уште повеќе ќе се почитува.
Во однос на барањето за покачување на минималецот на 500 евра, Ристески рече дека сè додека не се постигне договор за зголемување на минималната плата во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС), ќе важи постојната формула за нејзино пресметување.
Тој вели дека Владата ќе поддржи секаков договор, и за зголемување на минималната плата и за промена на формулата, но само ако има трипартитна согласност во ЕСС, од сите засегнати страни.
„Знаеме дека синдикатите секогаш настојуваат да се зголеми минималната плата, но еден од главните приоритети на Владата е подобрување на животниот стандард. Ние остануваме на она што секогаш го кажуваме транспарентно, договор да има во рамки на Економско-социјалниот совет каде постои и трипартитен дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и владините институции“,
рече Ристески.
Тој додава дека Владата ќе го испочитува она што ќе го договорат работодавачите и синдикатите.
„Сè додека не постои таков договор, има постоечка формула донесена со трипартитен договор и потпис од сите овие три страни во ЕСС и со пресметките од таа формула ќе има зголемување. Ќе каже формулата колкаво ќе биде зголемувањето во март 2026 година“,
изјави Ристески одговарајќи на новинарски прашања по почетокот на Неделата на претприемништвото.
Според него, за да дојде до промена на формулата донесена со трипартитен договор, треба повторно да има интерес кај трите страни кои учествуваат во ЕСС.
„Ниту еден договор не треба да биде на штета ниту на работниците, ниту на економијата зашто имаме кревка економија и сè тоа понатаму влијае врз животниот стандард, економскиот раст и БДП“,
додаде заменик-министерот.
