Непочитувањето на мерката ќе ги чини жителите на Скопје 50 евра, додека за правните лица, односно фирмите се предвидени казни од 1 300 до 1 800 евра, а можат да бидат и повисоки во зависност од типот на отпадот
Во главниот град од денеска стапува во сила одлуката со која се забранува фрлање отпад од 22 до 6 часот, чија цел е да се воспостави ред во управувањето со сметот и да се спречат злоупотребите на контејнерите.

Како што најавија градските власти, инспекторите ќе бидат на терен и по полноќ, со цел да бидат санкционирани оние што ќе ја прекршат новата забрана за фрлање отпад. Во контролите ќе бидат вклучени градските инспектори и комунални редари, што ќе патролираат низ скопските улици, прво со опомени, а потоа и со казни.
Непочитувањето на мерката ќе ги чини жителите на Скопје 50 евра, додека за правните лица, односно фирмите се предвидени казни од 1 300 до 1 800 евра, а можат да бидат и повисоки во зависност од типот на отпадот.
Прекршоците ќе се констатираат на лице место, а доколку наидат на веќе исфрлен отпад од поголеми размери кој ќе биде од поинаков вид од вообичаениот на домаќинствата, ќе се прави подетална контрола кај правните лица.
Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека мерката, пред сè, е насочена кон правните субјекти, кои, како што тврдат, најчесто го одлагаат отпадот непрописно и во доцните часови.
Град Скопје има вкупно 40 инспектори, 11 комунални инспектори и 10 комунални редари.
Советот на Град Скопје на седница одржана на 14 ноември изгласа одлука со која се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите во периодот од 22 часот навечер до 6 часот изутрина, а граѓаните кои нема да ја почитуваат ќе се соочат со парична казна од 50 евра.
На одлуката силно се спротивставија советниците на Левица, кои ја оценија како скандалозна.
