Претстојното законодавство следува по низа мерки преземени од администрацијата на Трамп во последните месеци. Во октомври беа објавени првите санкции против Москва, насочени кон две од најголемите руски нафтени компании – Роснефт и Лукоил – заедно со нивните подружници
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој ќе се воведат санкции врз сите земји што соработуваат со Русија. Трамп додаде дека новите мерки би можеле да се однесуваат и на Иран, клучен воен сојузник на Москва, објавува „Киев индепендент“.

„Секоја земја што соработува со Русија ќе биде санкционирана многу строго“,
изјави Трамп за новинарите во Палм Бич, Флорида.
Претстојното законодавство следува по низа мерки преземени од администрацијата на Трамп во последните месеци. Во октомври беа објавени првите санкции против Москва, насочени кон две од најголемите руски нафтени компании – Роснефт и Лукоил – заедно со нивните подружници.
Сепак, Министерството за финансии на САД неодамна ги одложи санкциите против Лукоил, кои првично требаше да стапат во сила на 21 ноември, за да ѝ се даде време на компанијата да ги продаде своите странски средства.
Претходно оваа година, Вашингтон воведе и 50 отсто царини за стоки од Индија, еден од најголемите увозници на руска нафта. Како причина се наведува упорноста на Њу Делхи да купува и покрај предупредувањата дека би можеле да следуваат секундарни санкции доколку Москва не покаже напредок во мировните напори во Украина.
Иако Трамп не понуди дополнителни детали за законот што се подготвува, тој рече дека Иран веројатно ќе биде меѓу целите. Од почетокот на руската инвазија на Украина, Иран се појави како клучен сојузник на Кремљ, снабдувајќи ги воените напори на Москва со оружје и воена опрема.
