Непочитувањето на мерката, чија цел е да се воспостави ред во управувањето со сметот и да се спречат злоупотребите на контејнерите, ќе ги чини жителите на Скопје 50 евра, додека за правните лица, односно фирмите се предвидени казни од 1 300 до 1 800 евра, а можат да бидат и повисоки во зависност од типот на отпадот. На почеток мерката ќе се спроведува пробно, со опомени
Во пресрет на стапувањето во сила на одлуката на Град Скопје со која се забранува фрлање отпад во периодот од 22 часот навечер до 6 часот наутро, градските власти ја менуваат организацијата на службата задолжена за контрола на почитувањето на мерката.

Според информациите на ТВ Сител, инспекторите ќе добијат нов, поинтензивен распоред за трисменско работење, односно ќе бидат на терен 24 часа, за да се осигурат дека мерката се почитува.
Во контролите ќе бидат вклучени сите градски инспектори и комунални редари.
Инаку, одлуката што во петокот ја донесе Советот на Град Скопје треба да стапи во сила утре, откако ќе биде објавена во „Службен весник“.
„Град Скопје има вкупно 40 инспектори, 11 комунални инспектори и 10 комунални редари. Сите овие вработени ќе бидат распоредени за поголема контрола. Прекршоците ќе ги констатираат на самото место. Доколку наидат на веќе исфрлен отпад од поголеми размери кој ќе биде од поинаков вид од вообичаениот на домаќинствата, ќе се влегува во подетална контрола на правните лица“,
велат од Град Скопје за ТВ Сител.
Непочитувањето на мерката, чија цел е да се воспостави ред во управувањето со сметот и да се спречат злоупотребите на контејнерите, ќе ги чини жителите на Скопје 50 евра, додека за правните лица, односно фирмите се предвидени казни од 1 300 до 1 800 евра, а можат да бидат и повисоки во зависност од типот на отпадот.
Мерката на почетокот ќе се спроведува пробно, со опомени, а според новиот в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Драги Миткоски, таа може да претрпи и промени.
„Мислам дека на почетокот ова ќе оди само со опомени, а потоа ќе следуваат и казни. Навистина имаме проблем од непрописно и ненавремено одлагање“,
вели Митковски за ТВ Телма.
Вчера тој во изјава за Сител рече дека новото раководство на јавното комунално претпријатие успеало да оспособи 40 возила за празнење контејнери, но за нормално функционирање потребни се уште најмалку 20. Претпријатието, додава тој, и понатаму се соочува и со недостиг на работен кадар.
Советот на Град Скопје на седница во петок изгласа одлука со која се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите во период од 22 часот навечер до 6 часот изутрина, а граѓаните кои нема да ја почитуваат ќе се соочат со парична казна од 50 евра.
Целта на одлуката, според она што го соопштија службите на Градот Скопје на седницата, е да се воведе правна рамка со која ќе му се помогне на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот. Велат дека мерката можеби не е идеална, но дека нејзиното спроведување ќе биде следено преку комуналното претпријатие и инспекциските служби, а ако се покаже за несоодветна ќе биде коригирана.
На одлуката силно се спротивставија советниците на Левица, кои ја оценија како скандалозна.
„Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да ја префрлате врз граѓаните. Комуналното претпријатие треба да си ја извршува својата дејност редовно, а граѓаните во никој случај не смеат да бидат ограничени кога можат да фрлаат ѓубре. Тоа не само што се коси со Уставот и со законите туку е невиден скандал“,
изјави советничката Катерина Јовановска од Левица.
