Испораката на гасот ќе оди преку цевководи од северното грчко пристаниште Александрополис до украинското пристаниште Одеса, а снабдувањето, како што рече Зеленски, треба да започне во јануари. Дотогаш, како што пренесува АП, Грција ќе ја снабдува Украина со природен гас за да ги покрие нејзините потреби за претстојната зима и да ги надомести штетите на нејзината инфраструктура од руските напади
Грција и Украина денеска во Атина потпишаа договор за снабдување на земјата која е во војна со Русија со американски течен природен гас (ЛНГ), објави Асошиејтед прес.

На потпишувањето на договорот присуствуваа украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во официјална посета на Атина, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во Грција, Кимберли Гилфојл.
Договорот го потпишаа грчкиот снабдувач со гас – ДЕПА (DEPA) и украинската компанија „Нафтогас“.
Испораката на гасот ќе оди преку цевководи од северното грчко пристаниште Александрополис до украинското пристаниште Одеса, а снабдувањето, како што рече Зеленски, треба да започне во јануари.
Дотогаш, како што пренесува АП, Грција ќе ја снабдува Украина со природен гас за да ги покрие своите потреби за претстојната зима и да ги надомести штетите на нејзината инфраструктура од руските напади.
Грчкиот премиер Мицотакис во своето обраќање нагласи дека клучна улога за постигнување на договорот за снабдување на Украина со американски течен природен гас имал енергетскиот состанок што се одржа во Атина на 6 и 7 ноември, а на кој присуствуваа високи претставници на американската администрација, министри за енергетика на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) и високи претставници на водечки компании за течен гас,
На тој состанок, секретарот за внатрешни работи на САД, Даг Бургум, изјави дека само САД можат целосно да го заменат снабдувањето со руски гас во Европа.
Договорот доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ја искористи позицијата на САД како најголем светски извозник на течен природен гас, поврзувајќи ја ваквата иницијатива со трговските односи со Европската Унија и неговите напори за ставање крај на војната во Украина, пишува АП.

Претходно оваа недела, Зеленски и Мицотакис одржаа разговори на кои, меѓу другото, во фокусот беше и учеството на Грција во повоената реконструкција на Украина, главно во делот на градежништвото, здравствената заштита, дигитализацијата и заштитата на културното наследство.
За време на разговорите, Зеленски, како што пренесоа агенциите, упатил предлог до Грција да набави украинско оружје.
„Разговарав за нашите можности за производство на одбранбено оружје“,
изјави Зеленски по состанокот.
Инаку, украинскиот претседател најави целосна реформа на енергетскиот сектор во земјата, по низата корупциски скандали во овој сектор, кои опфатија и дел од неговите најблиски соработници.
Вчера Зеленски изјави дека раководствата на најмалку три државни енергетски компании ќе бидат отстранети и брзо заменети, а најави дека се подготвуваат и други промени.
„Почнуваме со реформа на клучните државни претпријатија што работат во енергетскиот сектор. Паралелно со целосната ревизија на финансиските активности, треба да се замени и менаџментот на овие компании. Денеска, заедно со премиерката Јулија Свириденко и министерот за економија Олексиј Собољева ја утврдиме постапката“,
напиша Зеленски на социјалните мрежи.
