Албанија, која доби статус на кандидат за членство во 2014 година, го отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ во октомври минатата година, што значи дека за околу една година го заокружува отворањето на сите поглавја

Албанија утре го отвора последниот кластер од преговорите со ЕУ, откако и останатите поглавја ги отвори во рок од само 12 месеци. Премиерот на Албанија, Еди Рама, заедно со албанската делегација, утре е во Брисел на 7. меѓувладина конференција со ЕУ за да го одбележи отворањето на поглавјето „Земјоделство и кохезија“.
Се очекува меѓувладината конференција да започне околу 8 часот наутро, а по неа е планирана и заедничка конференција меѓу премиерот Еди Рама и европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Сепак, Албанскиот премиер Еди Рама потсетува дека работата за членство во ЕУ не е завршена.
„За рекордно време успеавме да ги отвориме сите поглавја од преговорите. Но, откако ги надминавме сите пречки за отворање на преговорите, сега мора да ги надминеме и сите пречки за затворање на поглавјата од преговорите, за да ја исполниме нашата мисија“,
рече Рама.
Денеска во гостување на поткаст, Рама рече дека ако Тирана ја заврши својата работа, тогаш тој гарантира дека 27. земји-членки на Унијата исто така ќе дадат зелено светло.
„Дури и Бог вели, помогнете ми да ви помогнам. Дел од тоа е во наши раце, другиот дел не е. Ако ја завршиме нашата работа, ќе го добиеме тој сертификат на ЕК и потоа 27. земји-членки на ЕУ треба да дадат согласност. Но, ако не ја завршиме нашата работа, останатото е познато. Некои земји може да побараат повеќе аргументи, како и кога, но досега сите се за ‘да’“,
додаде Рама.
Албанија, која доби статус на кандидат за членство во 2014 година, го отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ во октомври минатата година, што значи дека ги отвори сите кластери за околу една година.
Брисел е оптимист дека Албанија ќе постигне интеграција во Унијата до 2030 година, додека самиот премиер Еди Рама го прогласи членството во ЕУ за приоритет на неговиот четврти мандат.
