Поради санкциите на Соединетите Американски Држави (САД) насочени кон НИС, протокот на сурова нафта во Србија е во прекин
Владата на Србија ќе заседава секојдневно оти државата се соочува со кризна состојба од прв степен, изјави тамошниот премиер Ѓуро Мацут, на денешната седница во врска со актуелната состојба со Нaфтената индустрија на Србија (НИС).
„Мораме да ја одржиме стабилноста на државниот систем во однос на јавните услуги и сè што е поврзано со јавното секојдневно работење и секако ќе работиме на одржување на динамиката во владата. Ќе заседаваме за оваа ситуација, која е навистина кризна состојба од прв степен, и тоа на дневно ниво“,
рече Мацут.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, на седницата изјави дека доколку е потребен ребаланс на буџетот, парламентот ќе реагира брзо.
Претседателот на државата, Александар Вучиќ, се надоврза на изјавата на Брнабиќ, велејќи дека верува оти секој граѓанин на Србија го разбира ова и дека „оние кои размислуваат поинаку“ исто така мора да го разберат.
„Гледам дека тие бараат само национализација, национализација. Нашата политика е поинаква. Нашата политика е партнерство и пријателство. Мораме да почекаме до последниот момент со Руската Федерација и да им дозволиме можност да го продадат својот имот“,
кажа Вучиќ кој оцени дека Србија страда како трева при судир на слонови, но дека граѓаните не треба да се грижат.
За потсетување, Соединетите Американски Држави, односно ОФАЦ, воведоа санкции врз рускиот нафтен сектор, вклучувајќи го и „Газпром“ во јануари годинава, но тие беа одложени неколкупати и конечно стапија во сила на 8 октомври.
Поради санкциите на Соединетите Американски Држави (САД) насочени кон НИС, протокот на сурова нафта во Србија е во прекин.
Руски „Газпром нефт“ поседува 44,9 проценти, а „Газпром“ 11,3 проценти од акциите во НИС. Српската влада поседува 29,9 проценти од акциите, а остатокот е во сопственост на мали акционери и вработени.
Вучиќ вели дека за седум дена мора да се најде решение за НИС. Тој се надева дека азиските и европските партнери со кои Русите разговараат ќе се согласат да преговараат за сопственоста, а доколку не успеат да се договорат, Србија е подготвена да понуди и повисока цена за рускиот дел од НИС.
