Опозицијата бара итно јавно објавување на извештајот во фазата во која се наоѓа – без доработки, објавување на сите имиња на доктори кои дале индикација за операциите, oбјавување на сите приватни клиники и субјекти вклучени во процесот, поднесување кривични пријави без никакво одложување и психолошка и правна поддршка за пациентите и за семејствата кои поминале низ овој, како што велат оттаму, кошмар
Социјалдемократскиот сојуз обвинува дека власта се обидува да го премолчи скандалот со непотребни операции на срце во приватните клиники.
„Наместо експресна реакција, наместо објавување на сите информации, наместо одговорност власта со денови молчи. Сè уште нема изнесено целосни информации пред граѓаните, не е објавен извештајот, инволвираните, кои се лекарите, кои се приватните клиники. Се крие од јавноста кој од докторите дал индикации за операциите. И сè уште нема поднесено ниту една кривична пријава“,
кажа на денешната прес-конференција Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Опозицијата бара итно јавно објавување на извештајот во фазата во која се наоѓа – без доработки, објавување на сите имиња на доктори кои дале индикација за операциите, oбјавување на имињата на сите приватни клиники и субјекти вклучени во процесот и носењето одлуки, поднесување кривични пријави без никакво одложување и психолошка и правна поддршка за пациентите и за семејствата кои поминале низ овој, како што велат оттаму кошмар.
„Ова е тежок скандал кој мора да биде третиран со максимална транспарентност и максимална одговорност. Јавноста ја заслужува целата вистина. Секој што учествувал во овој монструозен синџир мора да одговара“,
велат од СДСМ.
Во петокот, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции при Министерството за здравство, соопшти дека од анализирани 19 случаи, кај 10 е утврдено дека се извршени непотребни кардиохируршки операции.
а дополнителни шест пријави комисијата утврдила дека треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) бидејќи таа не е надлежна.
Претседавачот на комисијата, доктор Жарко Христовски, рече дека во оваа првична фаза анализирале само потреба од реваскуларизација, т.е. пациенти кои имаат васкуларна болест, а сите други пациенти ќе се анализираат по пријава или при следната фаза од нивното работење.
Ова е само првична анализа, додаде тој, и понатаму ќе се постапува заедно со меѓународна комисија за дополнителна анализа за случаите со проблематични индикации.
Во втората фаза, како што информираа членовите на комисијата, ќе следува влегување во институции по случаен избор, а ќе се направи и анализа за стратегијата на лекување на пациентите со кардиолошки проблеми и комплетен увид на медицинската документација.
