Шефицата на државата смета дека треба да им се помогне на Министерството за спорт и на Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и негово омасовување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова повикува да се следат инспиративните примери на државите во кои рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот.
Во обраќање по повод 100-годишнината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, шефицата на државата посочи дека треба да им се помогне на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување.
„Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, оти над речиси секое наше населено место има таква, не случајно. Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели, хотели. Знам дека имаме скромни капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на планински домови, а потем и со градење нови. Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани. Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот“,
рече претседателката.
Во обраќањето на свечената академија за јубилејот на „Љуботен“ која се одржа синоќа во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово под нејзино покровителство, Сиљановска-Давкова напомена дека имаме посебна обврска да го заштитиме планинското богатство со кое, рече, сме благословени.

На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.
