Со спроведените контроли утврдено е дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, а кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски барања за безбедност на храната, се вели во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека во изминатите десетина дена спровела 445 контроли кај операторите со храна, со акцент на оние во близина на основни и средни училишта, од каде што учениците најчесто купуваат храна.
Резултатот е 15 забрани за вршење на дејност и запленети и уништени 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи. Агенцијата изрекла и парични казни и опомени.
„Со спроведените контроли утврдено е дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски барања за безбедност на храната, а од вкупно контролираните, 26 не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство“,
соопшти АХВ.
Шеснаесет оператори немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-санитарен преглед на вработените лица.
Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна.
„За утврдените недоследности изречени се и парични казни за 77 оператори, во вкупна вредност од 36 470 евра во денарска противвредност. Издадени се 103 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности и изречени се и 23 опомени“,
се вели во соопштението на Агенцијата.
