Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот, против 44-годишниот Ф. А. од крушевското село Јакреново, во чиј дом се случил настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава
Откако на социјалните мрежи се појави вознемирувачка видеоснимка на која се гледа како малолетничка вперува пушка во главата на друго дете, од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопштија дека го расветлиле случајот и дека нивни службеници го одзеле оружјето и дозволата за негово поседување.

Како што соопштија од МВР, настанот се случил во домот на 44-годишниот Ф. А. од крушевското село Јакреново.
Оттаму велат дека по пријавувањето видео, објавено на социјална мрежа, на кое се гледа како 15-годишно девојче вперува огнено оружје кон главата на својот 11-годишен брат, вчера во 13 часот полициски службеници од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Крушево отишле во домот на Ф. А. (44) во Јакреново и одзеле ловечка пушка, ременик и дозвола за поседување оружје.
„По преземени мерки беше утврдено дека настанот се случил во неговиот дом и беа направени консултации со јавен обвинител, оружјето е одземено и по целосно документирање на случајот, против Ф. А. ќе биде поднесена соодветна пријава“,
се вели во соопштението од МВР.
