Бараме судење без одложување, без притисоци, без прикривања на докази, без селективност. Да се слушне секој факт и да се утврди секоја одговорност, колку и да е непријатна, порачаа семејствата на загинатите на денешниот марш во Скопје
Маршот се одржува на четири дена пред почетокот на судењето за случајот во кој обвинети се 35 физички лица и три фирми

Солзи и револт на денешниот протестен марш низ Скопје за 63. жртви во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Семејствата и блиските на загинатите бараат целосно расветлување на случајот, а овојпат поддршка добија од голем број граѓани во главниот град.
Маршот беше масовен и мирен, со присуство на редари. Напред беше истакнат голем транспарент со фотографии од жртвите во „Пулс“ и натпис „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“.

„Ние родителите скапо го плативме данокот на корупцијата“, „Кој ќе ни ги врати другарите?“, „Тишината е соучество“, „Профит во крв“, „Крени го гласот пред да е касно“, беа дел од преостанатите транспаренти со кои маршираа учесниците.
Маршот започна во 12:05 од плоштадот „Македонија“, продолжи покрај Собранието за да заврши пред Кривичниот суд во Скопје, каде за четири дена ќе започне судењето за случајот.
Во обраќањe пред Собранието, Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј Ѓорѓиески од ДНК, кој загина во пожарот во „Пулс“, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за, како што рече, целосно и независно испитување на случајот.
„Бараме да се утврди вистината, каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија, кој ја имал должноста да спречи, а не спречил. Бараме посебна анкетна комисија, затоа што сите имаме право на вистина. Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“,
рече таа пред законодавниот дом.

Родител на едно од загинатите деца, праша зошто нема сплотеност.
„Како ние што го изгубивме најмилото, не дај Боже никој да го изгуби, навистина не му посакувам никому. Сите имаа многу желби, сите имаат визија, но зошто овие деца немаа иднина? Зошто мораше ова да се случи, зошто нема сега сплотеност? Јас сум од село, кај нас емпатијата е навистина голема, од 100 луѓе – 55 се тука, ама не се сите. Треба да се собереме сите, бидејќи во нас е моќта. Јас живеам само за борбата за правда, живеам за борбата за мојот син Александар да знае од кого погинал, но живеам и ќе се борат и не смеам да умрам додека нема правда“,
кажа тој.

Маршот го организираа Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“, која се формира непосредно по пожарот.
„Ова Собрание има видено како светот се обединил за овој град да се изгради, а тие што направија? Отидоа две недели на одмор. Било премногу сензитивно за да се состане. И што направија кога се вратија? Не може да формираат обично мнозинство за поддршка и финансиска помош на семејствата и жртвите од пожарот во Кочани. Подобро да не се вратеа од одморот. Не можеа да соберат мнозинство ниту за јавна расправа за јавно да се дискутира кој е крив“,
кажа Борјан Ефтимов од Иницијативата „Кој е следен“.
Пред Кривичниот суд, се скандираше „Правда за Кочани“. Таму семејствата на загинатите побараа правично, транспарентно и навремено судење.
„Нашите најмили не се меѓу нас, но нивната судбина не смее да биде заборавена или скриена зад институционални пропусти, интереси или политички пресметки. Ние сме нивниот глас и тој глас ќе остане гласен, јасен и непоколеблив. Бараме судење без одложување, без притисоци, без прикривања на докази, без селективност. Да се слушне секој факт и да се утврди секоја одговорност, колку и да е непријатна“,
порача Розета Џамова, сестра на Јорданчо Џамов – еден од загинатите во „Пулс“.
Маршот се одржува четири дена пред почетокот на судењето за случајот во кој обвинети се 35 физички лица и три фирми.
