Одговарајќи на новинарското прашање за писмото што двете највисоки тела на судската власт во државата и Здружението на судии денеска го упатија до него, рече дека остава на граѓаните да кажат дали се задоволни од испораката на правдата во Македонија
Откако вчера децидно се изјасни дека нема да спроведува реформи во правосудството што значат само зголемување на платите на судиите и обвинителите и за јавнообвинителската и судска служба, премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека се анализираат модели од европски земји што можат да се применат и кај нас за финансиска независност на правосудството. Сепак, како што додаде, тоа ќе значи и поголема отчетност од овие институции и поголема контрола на она што го трошат преку Државниот завод за ревизија и собраниската комисија.

Посочи дека вчера имал состанок со министрите за надворешни работи и трговија, за европски прашања, а потоа и со министерката за финансии, на кој се анализирала можноста за донесување на законите во правосудството што ги бара Европската Унија, но и дека се разгледуваат неколку модели за финансиска независност на правосудството од европските земји.
„Има чекор што се однесува на четири закони, а тоа се законите што ги опфаќаат судиите и обвинителите, Законот за јавнообвинителска и Законот за судска служба. Се бара независност во финансирањето, платите и да добијат независен буџет од државата и само да ја информираат извршната власт за одлуките што ги носат. На пример, планот за вработување и унапредување што го имаат судиите и обвинителите да поминува одобрен од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а тие само да ја информираат извршната власт.“,
рече тој.
На состанокот, како што рече, се анализирале неколку модели од Европа, колкав е тој процент и дали се однесува буџетот на приходните страни, вкупните приходи или на бруто-домашниот производ.
„Но, треба да знаат дека во тој момент одговараат за секој денар пари потрошени од вас граѓаните. Од хигиенски препарати, па сѐ до реконструкција и санација на институциите. Ќе го добијат тоа. Јавно кажувам дека ќе го добијат откако ќе ја направиме деталната анализа како е тоа во современите земји. Сами нека вработуваат, сами нека унапредуваат, сами нека се грижат за сите оперативни трошоци, сами нека си даваат плата во рамките на буџетот, кој ќе биде онаков каков што е во неколку примери кои ги дефиниравме“,
вели премиерот.
Сепак, посочи дека од нив ќе бара само една работа, а тоа е одговорност за потрошените народни пари преку Државниот завод за ревизија и собраниска комисија што врши надзор над работењето.
„Тоа се народни пари, тоа не се нивни пари. Како што мене ме контролираат, така и нив ќе ги контролираат“,
кажа премиерот.
Посочи дека законите ќе бидат донесени до Нова година, но дека ако се остане на ниво на едноцифрена поддршка за судиите и обвинителите, во тој случај ништо не е направено.
„Јас сум прв за да го добијат тоа. Да видиме тогаш што ќе пречи“,
рече тој.
Потоа со ироничен тон рече дека откако сето тоа ќе се направи, очекува од Брисел да излезат и да ни кажат „браво“, како и да ни кажат оти сме добиле „петка“.
„Затоа што, нели, тоа беше проблемот. Немало реформи. Еве, ќе ги донесеме до Нова година. Ајде да видиме дали тоа е пречката или е нешто друго“,
вели Мицкоски.
Одговарајќи на новинарското прашање за писмото што двете највисоки тела на судската власт во државата и Здружението на судии денеска го упатија до него, рече дека остава на граѓаните да кажат дали се задоволни од испораката на правдата во Македонија.
„Нема да давам одговор на таков тип дописи. Оставам јавноста да каже. Еве, граѓаните да кажат дали се тие задоволни од испораката на правда во Македонија“,
кажа тој.
Уште еднаш повтори дека ќе се држи до она што го кажа претходно, а тоа е дека ќе гледа каде го трошат секој денар.
„Да не се случи после дел од нив да се најдат на обвинителската клупа како обвинети“,
рече Мицкоски.
Двете највисоки тела на судската власт во државата и Здружението на судии денеска преку писмено соопштение реагираа на критиките што премиерот вчера повторно ги упати до судиите велејќи дека нема да прави реформи во правосудниот систем, што, според него, предвидуваат само зголемување на нивните плати.
Во заедничко соопштение, од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии оценија дека премиерот со неговите коментари за судиите и судството ја преминал границата на добро однесување и преминал во неаргументирани и паушални напади.
Инаку, премиерот во периодот пред изборите, говорејќи во контекст на реформите во правосудниот систем, жестоко ги нападна судиите и јавните обвинители, за кои рече дека не ги заслужуваат платите што сега ги земаат, а не, пак, нивно покачување, што, во суштина, според него предвидуваат реформските закони.
