Овој објект, како што велат од општината, на локацијата е поставен врз основа на решение за поставување урбана опрема, издадено пред десетина години од Град Скопје, но чија важност е истечена, поради што се пристапува кон негово целосно демонтирање
Се отстранува времен објект што пред десетина години беше поставен на тревникот на булеварот „Јане Сандански“, веднаш до трговскиот центар „Капитол мол“, соопштија денеска од Општина Аеродром.

Оттаму информираат дека отстранувањето на објектот почнало утринава, а во текот на денот тој целосно ќе биде демонтиран, со што просторот ќе се ослободи за користење.
„По отстранувањето, Општината ќе го уреди просторот на локацијата со современа урбана опрема, зелени површини и ново модерно детско катче. Со тоа, тревникот повторно ќе стане пријатно, безбедно и заедничко место за рекреација, игра и дружење, онака како што заслужуваат жителите на Аеродром“,
се вели во соопштението од општината.
Инаку, како што велат од Општината, овој објект на локацијата е поставен врз основа на решение за поставување урбана опрема, издадено пред десетина години од Град Скопје, но чија важност е истечена.
Сега објектот нема важечко одобрение и поради тоа општината пристапува кон негово целосно демонтирање.
Овој објект до пред неколку години се користеше како игротека во склоп на ресторанот до него.
