„Иако Би-би-си искрено жали за начинот на кој е монтиран прилогот, цврсто веруваме дека нема основа за тужба за клевета“, се наведува во соопштението на британскиот национален сервис
Британскиот национален сервис Би-би-си вчера упати извинување до американскиот претседател Доналд Трамп поради монтирањето делови од негов говор во емисијата „Панорама“, од 6 јануари 2021 година, кој сугерира дека тој повикува на насилство, но ги одби неговите барања за отштета наведувајќи дека нема основа за тужба.

Би-би-си соопшти дека директорот Самир Шах испратил писмо до Белата куќа во кое јасно му се извинува на Трамп во име на националниот сервис за уредувањето на спорната содржина и додал дека радиодифузерот нема повторно да го емитува документарецот на која било од своите платформи.
„Иако Би-би-си искрено жали за начинот на кој е монтиран прилогот, цврсто веруваме дека нема основа за тужба за клевета“,
се наведува во соопштението на британскиот национален сервис.
Протекувањето на внатрешни обвинувања за пристрасност во Би-Би-Си, вклучително и начинот на кој говорот на Трамп од 2021 година бил монтиран на денот кога неговите поддржувачи упаднаа во Капитол, беше причина двајца високи раководители во сервисот да се поднесат оставки, а Трамп да се закани со тужба и барање отштета од една милијарда американски долари.
Имено, адвокатите на Трамп соопштија дека бараат од Би-би-си да го повлече спорниот документарен филм, да му се извини на претседателот и да плати соодветна отштета или да се соочи со тужба во кој од сервисот ќе се бара да плати една милијарда долари за клевета.
Адвокатите на Трамп ѝ рекоа на Би-Би-Си да ја повлече емисијата „Панорама“, да му се извини на претседателот и да плати соодветна отштета или да се соочи со тужба со која се бара отштета од најмалку 1 милијарда долари.
Британскиот јавен радиодифузер претходно вчера објави дека истражува нови обвинувања објавени во весникот „Телеграф“, кои наведуваат дека и друг говор на американскиот претседател бил, исто така, монтиран.
„Телеграф“, кој прв ја објави сторијата за спорната содржина, вчера соопшти дека снимки од истиот говор на Трамп биле селективно монтирани и во емисијата „Би-би-си њузнајт“ во јуни 2022 година, две години пред контроверзната монтажа во „Панорама“.
Весникот наведува дека монтирањето во „Њузнајт“ било слично на она во документарецот.
„Би-би-си се придржува до највисоките уреднички стандарди. Свесни сме за ова прашање и во моментов ги истражуваме наводите“,
изјави портпаролот на британскиот јавен дифузер како одговор на најновиот извештај на „Телеграф“.
