На потпрашање кој ги снимал фотографиите, Ѓорѓиевски рече дека не се сеќава кој ги има објавено и најави дека ќе го провери тоа

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека немал ангажирано дрон за да снима на почетокот на акцијата за чистење на Град Скопје за 72 часа. Тој потврди дека имало објавено фотографии, но дека тоа не било од него.
Одговорот на Ѓорѓиевски доаѓа откако пред два дена „Призма“ објави дека според јавно достапните податоци на Агенцијата за цивилно воздухопловство, дронот што ги снимаше панорамските кадри од акцијата за чистење на Скопје не бил пријавен за лет.
„Немав ангажирано дрон таму. Имаме фотографии меѓу кои има и дронски што не сме ги објавиле ние. Ги објавиле други“,
рече Ѓорѓиевски во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5.
Вечерта кога почна акцијата за чистење на Скопје првите панорамски кадри ги објави премиерот Христијан Мицкоски, а тие се појавија и на фејсбук-профилот на Ѓорѓиевски.
Наредниот ден панорамски фотографии Ѓорѓиевски објави и од автобуси на приватните превозници кои, исто така, беа паркирани на паркингот кај салата „Борис Трајковски“.
На потпрашање кој ги снимал фотографиите, Ѓорѓиевски рече дека не се сеќава кој ги има објавено и најави дека ќе го провери тоа.
„Немам дрон што е наша сопственост. Во Кисела Вода имавме работен дрон, но тој беше под 220 грама, кој не подлежи на одредени дозволи, но не сум информиран во детали“,
кажа тој.
На забелешка дека во други ситуации граѓани, меѓу кои и новинарски екипи, беа повикувани во полициска станица, Ѓорѓиевски рече дека доколку сторил одредено прекршување стои на располагање на сите институции.
„Но, не сум го сторил тоа и чесно е да го кажам“,
рече тој.
Според него, неколкумина, како што вели блиски до опозициски партии, ги погодило сериозно моментот што конечно се расчистувал градот.
„Таму беше и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и според неговата реакција изгледа дека е свесен човек, излегол во една таква активност и објави слики“,
додаде Ѓорѓиевски.
