Градоначалникот вели дека Скопје треба да биде град што ќе биде пример – уреден, зелен и безбеден, што ќе дише, што ќе спојува, што ќе инспирира и што ќе им служи на луѓето

Вашата работа и успех се доказ дека духот на Скопје живее и денес – во секој што создава, што се грижи и што ја гради иднината со срце и посветеност, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски доделувајќи им ги наградите „13 Ноември“ на личности од повеќе области.
Ѓорѓиевски, на свечената манифестација, рече дека денеска покрај сеќавањето, се оддава признание и на оние што денес го градат духот на нашиот град.
„Наградата „13 Ноември“ е благодарност за луѓето кои со својата работа, знаење и човечност ја продолжуваат борбата за подобро Скопје. Им честитам на сите добитници“,
рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот осврнувајќи се на историјата од пред 81 година, кога „храбрите борци по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор, го ослободија нашиот град“, рече дека сите ние кои ги уживаме придобивките од нивната борба, имаме света должност да ја чуваме таа слобода, да ја почитуваме нивната жртва и да го продолжиме нивниот завет.
„На денешен ден, скопјани ја дочекаа слободата со солзи, со гордост и со надеж. Но, таа слобода беше платена со највисока цена – со животите на стотици херои. Херои кои никогаш нема да бидат заборавени“,
рече градоначалникот.
Според него, денешната задача е „да го изградиме Скопје повторно гордо, достоинствено и современо“.
Тој вели дека Скопје треба да биде град што ќе биде пример – уреден, зелен и безбеден, што ќе дише, што ќе спојува, што ќе инспирира и што ќе им служи на луѓето.
Добитници на наградата „13 Ноември“ се:
- Од областа на публицистиката – д-р Марјан Патлиџанковски.
- Од областа на образованието и воспитанието – м-р Весна Недановска.
- Од областа на културата – Јавната установа Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје и Сузана Марковска.
- Од областа на науката – д-р Марјан Бојаџиев.
- Од областа на уметноста – Димо Илиев.
- Од областа на здравствената заштита – проф. д-р Марија Јовановски Срцева.
- Од областа на социјалната заштита – Делвина Крлуку.
- Од областа на спортот и физичката култура – Зоран Михајлов и Кристијан Јанев.
- Од категоријата „Лице од друга држава“ – д-р Волфганг Давид.
- Од најмладите – Андреј Тасиќ.
