По болничкиот третман, таа со автомобил е донесена до шаторот во близина на зградата на српскиот парламент, каде што ќе го продолжи штрајкот со глад кој влегува во својот 12. ден
Дијана Хрка, мајката на младиот Стефан Хрка кој минатата година загина при уривањето на бетонската натстрешница на Железничката станица во Нови Сад, вчеравечер, на единаесеттиот ден од штрајкот со глад, прими инфузија во приватна болница во Белград.

По болничкиот третман, таа со автомобил е донесена до шаторот во близина на зградата на српскиот парламент, каде што, според најавите, го продолжува штрајкот со глад кој влегува во својот 12. ден.
„Сè е во ред. Дијана беше во една приватна клиника на преглед. Во стабилна состојба е. Се согласи да прими инфузија, тоа секако не го прекршува штрајкот“,
изјави за Н1 еден од воените ветерани кои се грижат за Хрка.
Претходно вчера, Хрка изјави дека ќе продолжи со штрајкот сè додека не бидат исполнети нејзините барања.
„Обвинителството мора да почне да си ја врши работата. Дали знаете колку луѓе не беа испрашани во случајот со натстрешницата? Сите одговорни мора да бидат процесуирани, бидејќи помина една година“,
рече Хрка во вчерашното обраќање до медиумите.
Таа додаде дека стои и зад сите други барања што ги постави на 2 ноември, дента кога го започна штрајкот со глад – властите да ги ослободат студентите уапсени на демонстрациите во текот на изминатата година и српскиот претседател Александар Вучиќ да распише предвремени парламентарни избори.
„Но, тој нема храброст да го стори тоа. Никогаш не сум видела поголема кукавица од него“,
рече Хрка.
Хрка го започна штрајкот со глад на 2 ноември, еден ден по големиот комеморативен собир во Нови Сад одржан на годишнината од трагедијата, барајќи одговорност за смртта на 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан.
