Имамоглу, кој е главен политички ривал на претседателот Таип Ердоган, претходно ги негираше сите обвиненија и рече дека се политички мотивирани
Турски обвинител побара затворска казна од 2 000 години за суспендираниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е обвинет за наводно водење на огромна корупциска мрежа што ја чинела државата милијарди долари, пренесуваат светските медиуми.

Главниот обвинител на Истанбул, Акин Гурлек, денеска на прес-конференција го објави обвинението, наведувајќи дека во него се вклучени 402 осомничени, меѓу кои е и Имамоглу, обвинет за основање криминална организација, поткуп, измама и местење јавни набавки.
Гурлек рече дека обвинетите со активностите за кои се гонат ѝ предизвикале на државата загуби од 160 милијарди лири (3,8 милијарди американски долари) за период од една деценија.
Адвокат на партијата на Имамоглу рече дека обвиненијата се неосновани и дека ќе ги оспори на суд.
Имамоглу, кој е главен политички ривал на претседателот Таип Ердоган, претходно ги негираше сите обвиненија и рече дека се политички мотивирани.
Тој е во затвор од март годинава, чекајќи судење по обвиненијата за корупција. Нему во јули му беше изречена посебна затворска казна за навреда и закана кон главниот обвинител на градот, за која неговиот правен тим поднесе жалба на пресудата.
Истанбулските обвинители, исто така, побараа од највисокиот апелациски суд во Турција да отвори постапка за затворање на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), тврдејќи дека е финансирана со нелегални средства.
Инаку, ЦХП се соочува со невидена правна битка од минатата година, за која вели дека е политички мотивирана, наводи што владата во Анкара ги негира.
„Во текот на изминатите девет години, од неуспешниот државен удар во 2016 година, 390 354 лица се приведени за разни кривични дела поврзани со тероризам, од кои 113 837 се уапсени и се во затвор“,
објави агенцијата Анадолу на 14 јули, годишнината од државниот удар, повикувајќи се на бројки од одделот за борба против тероризмот на полицијата.
Чистката е спроведена на сите нивоа на општеството, вклучувајќи воени офицери, полицајци, државни службеници, наставници, академици, судии, обвинители, новинари, бизнисмени, па дури и домаќинки.
Високо рангирани офицери, вклучувајќи 216 генерали и повеќе од 15 000 други воени лица, беа приведени заедно со повеќе од 3 700 судии и 1 300 обвинители.

Покрај масовните апсења, турските судови изрекоа мерки за судски надзор, како што се забрани за патување и задолжително пријавување кај властите, за повеќе од 118 000 лица.
По обидот за државен удар, Турција веднаш ги суспендира одредбите од Европската конвенција за човекови права врз основа на член 15, во кој се наведува дека во време на војна или друга јавна вонредна состојба што го загрозува животот на нацијата, секоја договорна страна може да преземе мерки што отстапуваат од своите обврски според Конвенцијата.
