Коцевски ова го кажа прашан како ја коментира можеби најрефлективната забелешка во Извештајот на ЕК, во која директно се посочува на финансиската независност на судството
Што се однесува до средствата предвидени во предлог-буџетот за 2026 година, кој од вчера е во собраниска процедура, Коцевски вели дека нема промена во средствата што се планирани за Јавното обвинителство
Она што Европската комисија (ЕК) го констатира во Извештајот за напредокот на земјава за 2025 во делот на правосудството, е и наше видување, за кое сме говореле повеќе пати досега, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, прашан за коментар на документот на извршниот орган на Европската Унија (ЕУ).

„Она што ние го кажувавме и јас лично го истакнував цело време, а тоа се фактите, недостасуваат човечки ресурси, недостасуваат материјални, така што она што го констатирала Комисијата е и наше видување“,
изјави денеска Коцевски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители, чиј член е тој по службена должност.
Инаку, освен за коментар на извештајот државниот јавен обвинител, ова го кажа и прашан дали се согласува со мислењата на дел од судската фела дека е потребен дијалог меѓу извршната и судската власт за подобрување на состојбите во судството.
Ова како насушна потреба го истакна судијката во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска, во интервјуто за „360 степени“, емитувано вчеравечер (10 ноември 2025 г.) на МРТ 1.
„Не може судството да планира буџет, да предлага буџет или Министерство за финансии да нема редовна комуникација со Судско-буџетскиот совет. Во суштина, ако го читате внимателно извештајот на Европската комисија, тој користи вординг – независен судски буџет, независност во планирањето на буџетот“,
рече Лазарова-Трајковска во интервјуто.
На, условно кажано, слична линија е и државниот јавен обвинител, кој вели дека за да има успех во борбата против криминалот треба да се создадат и услови.
Коцевски ова го кажа прашан како ја коментира најрефлективната забелешка во Извештајот на ЕК, во која директно се посочува на финансиската независност на судството. Имено, во извештајот, меѓу другото, пишува дека целокупната независност и финансиската автономија на судството се поткопани од мешањето и притисокот од другите државни власти, вклучувајќи ги и обидите на парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставки, како и од ограничените доделени финансиски ресурси.
Одговарајќи на новинарско прашање, Коцевски состојбите во Јавното обвинителство ги илустрира преку актуелниот број вработени во јавнообвинителската служба, која, како што кажа, е само една третина од она што е потребно за може оваа институција да функционира во оптимални услови.
„Во конкретниот случај во Јавното обвинителство, а тоа го истакнувам повеќе пати, работиме со јавнообвинителска служба од една третина, што значи околу 360 вработени, а ни требаат околу 1 126, и минатата година 2024 г. и оваа година 2025 г. и за наредната година од страна на Министерството за финансии не ни се дозволува ниедно вработување“,
вели Коцевски.

Прашан за изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дадени неодамна дека со рејтинг од 2 отсто и овие плати што судиите и обвинителите ги земаат сега им се преголеми, државниот јавен обвинител вели дека овие изјави ги оценува како политички, но сепак, додаде дека нивните плати во споредба со оние на нивните колеги од регионот се најниски.
Што се однесува до средствата предвидени во предлог-буџетот за 2026 година, кој од вчера е во собраниска процедура, Коцевски вели дека нема промена во средствата што се планирани за Јавното обвинителство.
Сумирано, ако согласно Законот за јавно обвинителство, за оваа институција треба да се одвојат 0,4 проценти, за следната година се предвидуваат 0,2 проценти, како што беше случајот минатата и ова година.
„Сега се предвидени 0,2 отсто без разлика што еве се настојува и со новиот закон за јавно обвинителство да се покачи на 0,5 отсто, што значи дека истиот износ и минатата, и оваа, и за наредната година е истиот износ во однос на паричните средства“,
изјави Коцевски.
