Откако било однесено во Клиничкиот центар во Скопје, лекарите кај бебето констатирале повеќе нови повреди – контузии и хематоми, а биле видливи и постари повреди
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 23-годишна жена која е осомничена дека го запуштила и малтретирала својот шестмесечен син, удирајќи го со раце и тупаници по главата.

Малтретирањето на бебето, според досегашните сознанија на Обвинителството, траело извесно време, а било откриено пред неколку дена, кога сопственикот на домот во ‘Ржаничино, каде што престојувала осомничената, и уште една пријателка не ги забележале повредите кај детето, кое го однеле на лекарски преглед.
Имено, според Обвинителството, осомничената на 9 ноември изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со раце и со тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди од кои тоа почнало да крвави.
Откако било однесено во Клиничкиот центар во Скопје, лекарите кај бебето констатирале повеќе нови повреди – контузии и хематоми, а биле видливи и постари повреди.
„Во исто време, констатирано е дека осомничената од раѓање не го однела детето ниту на лекарски преглед, ниту на вакцинација, меѓу другото, со цел да прикрие дека физички го удира бебето“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Како што информираа оттаму, против осомничената е отворена истрага за кривичното дело запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Истовремено, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на осомничената да ѝ биде определен притвор, пред сè поради опасност од бегство.
Детето, чиј друг родител не е познат, како што информираат од Обвинителството, е згрижено преку Центарот за социјални работи.
За случајот вчера информира Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што рекоа дека утрината привеле 23-годишна жена од Кавадарци под сомнение дека го нападнала своето шестмесечно бебе.
