Пријавените преку телефонски повик ја известиле оштетената дека нејзиниот син предизвикал тешка сообраќајна несреќа во која наводно прегазил осумгодишно дете, а тој и неговата сопруга биле повредени

Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, поднесе кривична пријава против две лица, С. Г. (54) од Прилеп и С. И. (31) од Крушево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело измама, соопштуваат од битолската полиција.
Измамниците со лажно телефонско претставување довеле во заблуда 88-годишна жена од Битола.
Според информациите од СВР Битола, настанот се случил на 25 август годинава во Битола. Пријавените преку телефонски повик ја известиле оштетената дека нејзиниот син предизвикал тешка сообраќајна несреќа во која наводно прегазил осумгодишно дете, а тој и неговата сопруга биле повредени.
За да го спаси синот од кривичен прогон, измамниците побарале од жената сума од 72 500 денари. Откако ги зеле парите, пријавените заминале, а оштетената подоцна сфатила дека била измамена.
Веднаш по добиената пријава, полицијата презела соодветни мерки и активности. Измамниците се пронајдени, лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава, потврдија од СВР Битола.
