Во врска со инцидентот досега се уапсени четири лица, а полицијата во Њу Делхи соопшти дека е отворен случај според строгиот и драконски закон за антитероризам на Индија, односно Законот за спречување незаконски активности
Индиската полиција што ја истражува експлозијата на автомобилот пред Црвената тврдина во Њу Делхи, во која загинаа најмалку осум лица, е фокусирана на последните движења на возилото пред детонацијата, додека причината за настанот и понатаму останува непозната, пишуваат светските медиуми.

Експлозијата се случи вчера попладне околу 19 часот според локално време (12 часот според средноевропско време) кога фреквенцијата на луѓе и возила е најголема во стариот дел на индиската престолнина, каде што се наоѓа историската знаменитост Црвена тврдина.
Комесарот на полицијата во Њу Делхи, Сатиш Голча, изјави дека возилото експлодирало, откако движејќи се бавно застанало на црвено светло пред метро-страницата кај Црвената тврдина.
Експлозијата, како што пренесе „Гардијан“, предизвикала пожар што ги зафатил автомобилите, мотоциклите и рикшите што биле во близина, а ударот од детонацијата ги искршил прозорците на храмот на Сиките, што се наоѓа на 500 метри оддалеченост од местото.
Покрај осумтемина загинати, во настанот се повредени уште околу 20 лица.
Индискиот премиер Нарендра Моди во својот говор денеска сугерира дека станува збор за планиран напад и оти сите одговорни за експлозијата ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
„Заговорниците кои стојат зад ова нема да бидат поштедени. Сите одговорни ќе бидат изведени пред лицето на правдата“,
рече Моди.
Сведоци за светските агенции раскажуваат за моментот на експлозијата и страшните сцени кои уследиле неколку мига подоцна.
„Го видов автомобилот како експлодира додека се движеше… Луѓето гореа и се обидовме да ги спасиме… Автомобили и луѓе гореа – луѓето во автомобилите гореа“,
изјавил 27-годишниот Дарминдра Дага за агенцијата Франс прес.
Друг очевидец, 49-годишен продавач, рекол дека експлозијата била толку гласна што му го оштетила слухот.
„Слушнав толку гласен звук што ми се затнаа ушите. Потоа видов делови од автомобили како летаат и расфрлани делови од тела“,
рекол тој.
Причината и околностите за експлозијата и понатаму остануваат непознати, а форензичките тимови, истражителите од специјалниот оддел на полицијата во Њу Делхи, како и Националната агенција за истраги, која е надлежна за случаи на тероризам, и денеска се на местото на настанот.
Полицијата во Њу Делхи соопшти дека е отворен случај според строгиот и драконски закон за антитероризам на Индија, односно Законот за спречување незаконски активности.
Според новинските извештаи, во врска со инцидентот досега се уапсени четири лица.
Министерот за одбрана на Индија во денешното обраќање изјавил дека наодите од истрагата наскоро ќе бидат објавени.
„Водечките истражни агенции во земјата спроведуваат брза и темелна истрага за инцидентот. Сакам цврсто да ја уверам нацијата дека одговорните за оваа трагедија ќе бидат изведени пред лицето на правдата и дека нема поштедени под никакви околности“,
рекол тој.
Истражителите, според извештаите, фокусот го насочиле кон последните движења на возилото кога се смета дека случила експлозијата.

Вчеравечер, како што пренесува „Гардијан“, биле приведени две лица поврзани со автомобилот „хјундаи“ кој бил регистриран во соседната индиска држава Харијана.
Снимките од безбедносните камери покажуваат како автомобилот влегува во паркинг во областа Стар Делхи во близина на Црвената тврдина околу 15 часот и останува таму околу три часа. Според наводите, возачот, кој изгледа како да носи маска, цело време останал во возилото.
Министерот за внатрешни работи на Индија, Амит Шах, изјави дека службените лица „ги истражуваат сите можни агли“, но дека е „многу тешко да се каже што го предизвикало инцидентот“ додека не бидат готови форензичките анализи.
Во меѓувреме, Индија останува во состојба на висока готовност, со дополнителни безбедносни мерки на аеродромите и на границите, а под засилени безбедносни мерки е и финансиската престолнина на земјата, градот Мумбаи.
