Ексминистерот додава дека суспендирање на програмата ИПАРД во земјава досега имало двапати. И во двата случаи, како што наведува, средствата биле суспендирани додека со владата раководела ВМРО-ДПМНЕ, првпат во 2011 година и сега во 2025 година
„Сега, што правиме?“ Со ова прашање ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во претходната влада, предводена од СДСМ и актуелен пратеник во Собранието, Љупчо Николовски, се огласи на Фејсбук откако денеска попладне Министерството за финансии соопшти дека државата донела одлука за времен прекин на исплатите на средствата од програмата ИПАРД.

Николовски во објавата вели дека се потврдува она што го говорел неколку дена, односно дека е донесена одлука за суспендирање на ИПАРД, што, според него, Владата и Министерството за земјоделство се обидувале да ја сокријат.
Ексминистерот додава дека суспендирање на програмата ИПАРД во земјава досега имало двапати. И во двата случаи, како што наведува, средствата биле суспендирани додека со владата раководела ВМРО-ДПМНЕ, првпат во 2011 година и сега во 2025 година.
„Суспензијата, пред сè, е срам за Владата и доказ дека партизацијата, корупцијата и девијантните појави се широко распространета во Агенцијата (за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој), нешто на што укажував од самиот почеток“,
вели Николовски.
Тој додава дека додека тој бил министер, ИПАРД-програмата, била најуспешна приказна во државата, со рекордни 2 369 реализирани и контролирани инвестиции и целосна искористеност на европските пари.
Во врска со конкретниот случај, тој до Владата упатува неколку прашања, меѓу кои и дали актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски ќе си поднесе оставка поради овој, како што го оценува, мегаскандал.
„Кој ќе понесе политичка одговорност за овој мегаскандал? Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат корисниците и земјоделците? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка или ќе продолжи да се преправа дека ништо не се случило? Со кој кредибилитет тој планира да излезе пред земјоделците?“,
прашува Николовски.
Во врска со лицата што минатата беа уапсени поради основани сомневања за коруптивни активности, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ексминистерот ги повтори обвинувањата што ги наведе викендот и денеска дека станува збор луѓе директно поставени од актуелната влада и блиски соработници на ресорниот министер Трипуновски.
Затоа, како што посочува Николовски, политичка одговорност за овој случај мора да има.
Министерството за финансии попладнево соопшти дека државата преку своите структури и органите за управување со средствата од ИПА/ИПРАД-инструментот на Европската Унија донела одлука за времен прекин на исплатите на средствата во ИПАРД-програмата.
Одлуката следува по актуелните случувања во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Имено, поради основани сомневања за коруптивни активности, минатата недела во акцијата на истражните органи беа уапсени актуелниот директор на Агенцијата и уште четири лица, поради давање и земање мито.
Од Министерството за финансии велат дека за одлуката за времено стопирање на исплатите уште истиот ден била известена Европската комисија (ЕК), чиј повратен одговор бил дека ја поздравуваат одлуката на националните структури во земјава.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“,
се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Николовски претходно денеска на прес-конференција рече дека во петокот попладне од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање плаќања, е донесена и диструбирана до македонските власти одлука за суспендирање на програмата ИПАРД-3, односно одлука за суспендирање на плаќањата во рамките на оваа програма.
Неговиот наследник во ресорното Министерството, Цветан Трипуновски реагираше на наводите на Николовски, наведувајќи дека нема најава од Брисел за блокада на ИПАРД-средствата што ги користи државата.
Трипуновски рече дека освен што не најавен прекин на програма, Брисел ги поздравува чекорите кои се преземаат за борба против корупцијата и проверките во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Она што веднаш по сознанието односно акцијата којашто ја спроведе МВР и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД-средствата“,
рече Трипуновски.
