Според одлуката на судот, на Саркози му е забрането да ја напушта француската територија, а жалбата се очекува подоцна, веројатно напролет
Поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе биде ослободен од затвор и ставен под судски надзор, одлучи денеска судот во Париз. Одлуката доаѓа помалку од три недели откако Саркози почна да ја отслужува петгодишната казна затвор за нелегално финансирање на неговата изборна кампања во 2007 година со средства од Либија, објави Ен-би-си њуз.

Според одлуката на судот, на Саркози му е забрането да ја напушта француската територија, а жалбата се очекува подоцна, веројатно напролет. Саркози, кој продолжува да негира какво било кривично дело, стана првиот поранешен француски лидер во модерната историја кој е затворен по пресудата од 25 септември. Тој почна да ја отслужува казната на 21 октомври, но веднаш поднесе барање за предвремено ослободување.
На рочиштето денеска, Саркози се појави преку видеоврска од парискиот затвор Ла Санте и инсистираше дека секогаш ги почитувал сите судски наредби.
„Никогаш не замислував дека на 70-годишна возраст ќе доживеам затвор. Ова искушение ми беше наметнато и го преживеав. Тешко е, многу тешко“,
рече тој.
Поранешниот претседател, исто така, му се заблагодари на затворскиот персонал, за кој рече дека му помогнал да го преброди „овој кошмар“. Неговата сопруга, пејачката и поранешна супермоделка Карла Бруни-Саркози, и неговите два сина присуствуваа на рочиштето во париската судница.
Иако на рочиштето не се дискутираше за суштината на случајот, Саркози повтори дека никогаш не побарал финансиска поддршка од поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи.
„Никогаш нема да признам нешто што не сум го направил“,
рече тој.
Според францускиот закон, ослободувањето во исчекување на жалбата е правило, додека притворот е исклучок. Судиите проценија дали Саркози претставувал ризик од бегство и дали постоел ризик дека ќе влијае врз сведоците или ќе ја попречи правдата.
Барањето за ослободување под судски надзор беше поддржано и од главниот обвинител, Дамиен Бруне, кој го застапува јавниот интерес. Се очекува Саркози да го напушти затворот Ла Санте денеска.
Поранешниот претседател, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, се соочува и со други правни проблеми. Врховниот суд на Франција треба да донесе пресуда на 26 ноември во случај на нелегално финансирање на неговата неуспешна кампања за реизбор во 2012 година, а тој е под истрага и за наводно влијание врз сведоци во случај со Либија.
Саркози претходно беше прогласен за виновен за корупција и злоупотреба на влијание во 2023 година за обид за поткуп на судија во замена за информации за друг правен случај. Таа пресуда подоцна беше потврдена од Врховниот суд на Франција.
