Европратеничката Марион Валсман, која доаѓа од партијата на Ангела Меркел, смета дека политичките партии во земјава треба да му испратат порака на народот за единство и лидерство.
Валсман на својот профил на Твитер пишува дека партиите во Северна Македонија треба заедно да дејствуваат и да договорат датум за парламентарните избори.

Таа додава дека сега е период на неизвесност, но приоритет мора да биде безбедноста на граѓаните.
„Здравјето на граѓаните и на организаторите на изборите не треба да се загрози ниту пак, треба да се загрози демократијата со тоа што нема да се постигне консензус за нов датум за избори. Ги повикуваме сите партии да овозможат целосно учество на комплетниот набљудувачки тим на ОБСЕ уште од почетокот на изборната кампања“,
вели европратеничката.
Валсман е известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент и потпретседателка на Комисијата за правни работи.