Одбраната на обвинетиот Никола Васев жестоко реагираше, нарекувајќи го обвинителниот акт „нејасен, незаконит и непрофесионален“

Судењето за случајот „Онкологија 2“ денеска продолжи со сведочење на тројца сведоци, чии искази, според обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска, директно ги потврдуваат финансиските малверзации и незаконското постапување со терапијата на Клиниката.
Од друга страна, одбраната на обвинетиот Никола Васев жестоко реагираше, нарекувајќи го обвинителниот акт „нејасен, незаконит и непрофесионален“.
По завршувањето на рочиштето, обвинителката Гоговска-Јакимовска изјави дека сведочењата ја поткрепуваат тезата дека терапијата, која законски мора да биде во клиничка аптека, завршувала кај директорот и била давана по негов личен избор.
„Терапијата, која не смеела да биде кај директорот, тој најнормално ја вадел од канцеларија и ја давал на пациенти по сопствен избор. Сведоците потврдија дека имало вишок терапија раздолжувана на име на пациенти, што логично води до заклучок дека завршувала кај обвинетиот Васев“,
нагласи Гоговска-Јакимовска.
На денешното рочиште беа сослушани онкологот Ненад Митревски, членката на УО, Биљана Гроздановска и Гоце Кузев, син на пациент.
Сведокот Митревски сведочеше за препишани дози на лекот „бевацизумаб“, нагласувајќи дека документ со доза од 1 600 милиграми е превисок за конкретната индикација и дека тој не ја препишал.
Сведокот Кузев изјави дека терапијата за неговиот татко често доцнела и дека по интервенции кај тогашниот директор била обезбедувана од неговата канцеларија.
Гроздановска зборуваше за начинот на носење одлуки во Управниот одбор, истакнувајќи дека набавките барале согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Адвокатот Боби Спирковски, бранител на обвинетиот Васев, го критикуваше Обвинителството, тврдејќи дека актот е „непрецизен, нејасен и незаконит“. Тој предупреди дека со предлагање докази кои немаат врска со обвинението се кршат уставните права на обвинетите, вклучително и правото на брза и ефикасна постапка, согласно член 6 од Европската конвенција.
„Денеска видовте што значи лош обвинителен акт – се предлагаат докази кои немаат врска со обвинението. Актите на ЈО се непрофесионално и нестручно направени и требало да бидат повлечени“,
додаде Спирковски.
Обвинението против Никола Васев и Нехад Нухи се однесува на злоупотреби, измама и проневера од 2018 до 2022 година, со штета од околу 36 милиони евра. Обвинетите негираат вина, а Одбраната тврди дека обвинението е политички мотивирано.
