Првиот човек на Град Скопје најави дека од вечерва од 20:30 часот и официјално почнува големата акција за 72-часовно чистење на главниот град, кое го вети уште во текот на кампањата за локалните избори. Од утре, пак, како што рече, почнува и темелна реорганизација на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив
Новоизбраниот градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска и официјално го презеде градоначалничкиот мандат. Во просториите на Градот денеска му беше врачено уверението за функцијата што ќе ја извршува во наредните четири години.

„Официјално – од денес Скопје испишува нова страница во својата историја. Денешното уверение е симбол на довербата што ми ја дадоа граѓаните на Скопје. Но, истовремено е и голема обврска да работам одговорно, посветено и силно, со јасна визија, конкретни резултати и многу дела“,
порача Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.

Ѓорѓиевски најави дека од вечерва од 20:30 часот и официјално почнува големата акција за 72-часовно чистење на Скопје, кое го вети уште во текот на кампањата за локалните избори. Од утре, пак, како што рече, почнува и темелна реорганизација на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив.
„Градот треба конечно да функционира како што скопјани заслужуваат. Скопје ќе добие и нови проекти, а дел од нив ги започнуваме во наредните денови – инвестиции во инфраструктурата, образованието, спортот, животната средината, но ја враќаме и транспарентноста – Скопје конечно ќе биде отворен град. Време е!“,
додава првиот човек на Скопје.
На скопјани им заблагодари за поддршката, велејќи дека ќе биде градоначалник на сите, без разлика на верската, националната, партиската или каква било припадност.
