„Персоналните решенија во овој момент нема да ја решат работата. И ако мислиме дека само со просто заменување на персоналитет ќе дојдеме до посакуваниот ефект тоа е сосема погрешна логика. Не сакам да навлегувам во дебата за персонални промени“, вели Спасовски
Прашан дали ќе бара оставка или одговорност од лидерот Венко Филипче, Спасовски рече дека во моменти на кандидирање за претседател самиот тој се кандидирал да носи одговорност и за најдобриот резултат и за најлошиот

Резултатот од локалните избори е лош. Мислам дека резултатот од 126 илјади претставува дно и јас би сакал да е тоа дното на кое сите ние ќе застанеме. Ова е коментарот на пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски во однос на резултатот што партијата од која доаѓа го имаше на изборите.
Спасовски вели дека како одговорен човек тоа го загрижува, но и мотивира за тоа да се види што треба да се прави за понатаму.
СДСМ, вели тој, претставува една вистинска идеја што има длабоки корени и традиција во македонското општество и секако дека таа идеја мора да опстои.
„Резултатот покажа една друга димензија во која генерално граѓаните на Македонија покажаа негативен став кон партиите и тоа треба серизоно да се разгледа“,
рече Спасовски во интервју на телевизија Алсат.
Околу тоа дека СДСМ изгуби многу од општините во кои досега беше власт, вклучувајќи ја и Струмица, Спасовски рече дека е лошо да се коментира која партија колку изгубила.
„Факт е дека ние изгубивме 20 и повеќе илјади гласа од претходните парламентарни избори. Факт е дека бројот на градоначалници е сведен на шест. Факт е и тоа дека 60 проценти од граѓаните во Македонија одлучија да не излезат воопшто да гласаат. Тоа покажува разочарување од политичките партии“,
рече тој.
Според Спасовски, СДСМ треба да направи анализа и да види кој е најголемиот проблем.
„Јас сум убеден дека треба да имаме сериозно редефинирање на политиките, на политичката платформа со која ќе настапува СДСМ во иднина. Сериозна реформа во делот на организационата поставеност и структура на партијата и градењето на коалициониот капацитет. Тоа се трите основни столбови по кои ќе мора да се движи партијата“,
додаде тој.
Прашан дали ќе бара оставка или одговорност од лидерот Венко Филипче, Спасовски рече дека во моменти на кандидирање за претседател самиот тој се кандидирал да носи одговорност и за најдобриот резултат и за најлошиот.
„Оставките се личен чин, длабоко морален, високо етичен што се покажува. Сепак сметам дека оваа дебата треба да се отвори внатре во рамките на органите и телата на партијата и таму да се кажат ставовите. Нема решение доколку преку медиумите и социјалните мрежи бараме оставки, туку напротив треба сериозна дебата внатре во партијата за тоа што ние сакаме да правиме и каде да се движиме. Кој е тој дисконтинуитет по кој треба да посегнеме. Сметам дека имаме многу прашања за кои треба да покажеме дека треба дисконтинуитет од тоа што било претходно“,
додаде тој.
Според Спасовски, ако сакаме да имаме силно демократско општество тоа мора да биде детерминирано пред се од една силна опозиција.
„Која е сега состојбата во Македонија? Ние имаме силно опозиционо расположение кај граѓаните според бројките на оние што излегле на избори, туку и според големиот број неважечки ливчиња. Ова покажува дека има опозиционо расположение. Но, дали имаме силна опозиција – немаме. Факт е дека и опозицијата доби намалување на бројот на гласови“,
рече Спасовски.
Тој вели дека не треба да се бара оправдување, туку „да се соочиме со реалноста и да кажеме дека овде реалнo состојбата е ваква каква што е и од тука натаму мора да се бараат начини“.
Во однос на ставот на Филипче дека нема да даде оставка и најавите дека во партијата ќе има нови лица, а одговарјаќи на новинарско прашање дали тој би бил кандидат за партиски лидер ако се отвори таков процес, Спасовски уште еднаш повтори дека треба внатрепартиски да се разговара што е најдобро за СДСМ.
„Персоналните решенија во овој момент нема да ја решат работата. И ако мислиме дека само со просто заменување на персоналитет ќе дојдеме до посакуваниот ефект тоа е сосема погрешна логика. Не сакам да навлегувам во дебата за персонални промени“,
смета тој.
Според него, ако нема дебата нема да има ниту решение и додава дека имаат капацитет да разговараат за тоа што е најдобро за СДСМ и како таа идеја уште повеќе да зајакнува.
На новинарско прашање и забелешка дека на локалните избори постоел „таен договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за резултатот да биде како што е“, Спасовски рече дека во политиката перцепцијата е „најважната работа која ги определува тековите“.
„Кога ќе се створи одредена перцепција, а вие не преземате чекор за да ја смените, да ја прикажете поинаква, таа станува вистина. И на претходните парламентарни избори се створи одредена перцепција за СДСМ и е многу дискутабилно дали е тоа така или не, меѓутоа перцепцијата е таа што не прикажа пред граѓаните. Таа перцепција што сега ја има за некаква соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ мора да ја разбиеме на некој начин ако тоа не е вистина и да излеземе поинаку“,
рече тој.
Прашан дали со тоа што СДСМ не постави кандидати за градоначалници во Кичево и во Струга како партија се вклучиле во сценариото за борба против ДУИ, Спасовски рече дека било голема грешка тоа што во многу од општините немале кандидати.
„Ако имавме кандидати во сите општини сметам дека ќе имавме и поинаков резултат и на советничките листи. Сакам да се бориме за СДСМ, а не против некого“,
кажа тој.
Спасовски смета дека во вториот изборен круг требало да има соработка со сите што не ја поддржуваат власта и додава дека неутралноста и оставањето простор да се одлучува по сопствено убедување направило штета на СДСМ.
„Партијата мора да има јасен став и да прати порака до членството што е тоа што го посакуваме. Не станува збор за соработка меѓу СДСМ и ДУИ, туку за повикување на сите граѓани што се проопозициски расположени да бидат во еден фронт“,
рече тој.
Смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да стравува од тоа дека ја има апсолутната власт, затоа што, како што вели, секогаш кога „ја имате апсолутната власт тоа е врвот што го достигнувате во политиката“ и вели дека тоа е сериозен проблем за понатаму.
