„Гардијан“, повикувајќи се на француските медиуми, пишува дека ДНК на Абдулаје е пронајдена на една од витрините и на предмети оставени на местото на злосторството, како што се ракавици. Тој е осомничен дека е едно од двете лица што упаднале во галеријата

Еден од уапсените за кражбата на накит од парискиот музеј „Лувр“ е ѕвезда на социјалните мрежи, ентузијаст за мотоцикли и поранешен обезбедувач во центарот „Помпиду“, објавија француските медиуми. Мажот, идентификуван како 39-годишниот Абдулаје Н., е еден од четворицата обвинети за кражбата на историскиот накит на 19 октомври, објави „Гардијан“.
Абдулаје Н. е уапсен во својот дом во Обервилиер, северно предградие на Париз, шест дена по грабежот. Тој е познат на социјалните медиуми како Дуду Крос Битум кој објавува многубројни видеа на Јутјуб, Тик-ток и Инстаграм.
Некои од нив, под слоганот „Секогаш поблиску до асфалтот“, го покажуваат како изведува акробации на својот мотоцикл низ Париз, додека во други дава совети за бодибилдинг. Во неколку од видеата, тој вози „јамаха т-макс“, моќен модел на мотоцикл, каков што користеле крадците на „Лувр“.
Според „Паризиен“, осомничениот работел за логистичката компанија УПС (UPS), „Тојс Р Ас“ и како обезбедувач во уметничкиот музеј „Помпиду“. Соседите го опишале како услужен и пристоен човек.
Сепак, неговото криминално досие содржи 15 прекршоци, вклучувајќи поседување дрога, возење без дозвола и загрозување на други, а во 2014 година бил осуден за грабеж на златарница.
Инаку, четворица осомничени во моментот се во притвор.
Се верува дека тројца од нив биле дел од банда од четири члена која користела украден камион со скали за да стигнат до прозорец на првиот кат од галеријата „Аполон“ во грабежот. Двајца од членовите на бандата скршиле необезбеден прозорец и две стаклени витрини, по што се симнале и избегале со мотоцикли управувани од другите двајца. Целата операција траела помалку од седум минути.
„Гардијан“, повикувајќи се на француските медиуми, пишува дека ДНК на Абдулаје е пронајдена на една од витрините и на предмети оставени на местото на злосторството, како што се ракавици. Тој е осомничен дека е едно од двете лица што упаднале во галеријата.
Париската обвинителка Лор Бекуо изјави дека осомничениот малку им кажал на полицајците, но делумно ја признал својата вмешаност. Таа додаде дека профилите на осомничените не се вклопуваат во оние што обично се поврзуваат со внимателно планиран организиран криминал, поттикнувајќи шпекулации во француските медиуми дека можеби биле ангажирани од непознат организатор.
Максим Каваје, еден од адвокатите на осомничените, рече дека одбраната ќе биде исклучително внимателна во врска со почитувањето на пресумпцијата на невиност. Во меѓувреме, судењето на Абдулаје Н. во посебен, помал случај за оштетување затворска ќелија во 2019 година беше одложено поради големото медиумско внимание предизвикано од грабежот во „Лувр“.
Француските медиуми пред неколку дена објавија дека 38-годишна жена, чие име не е објавено, е обвинета за кражбата во музејот „Лувр“ во Париз минатиот месец.
Таа е обвинета за соучество во организирана кражба и криминален заговор чија цел е извршување кривично дело, а судот нареди нејзино притворање.
Жената беше уапсена неделава со уште четири лица, од кои две претходно беа обвинети за кражба и криминален заговор.
Накит вреден 88 милиони евра беше украден од најпосетуваниот музеј во светот на 19 октомври, кога беше објавено дека четворица мажи го извршиле грабежот среде бел ден. Како што јавуваат светските медиуми, двајца наводни крадци, кои беа уапсени претходно, ја признале својата вмешаност.
