„Потребен ни е многу поширок, посилен и поорганизиран фронт – тоа е една од лекциите кои ги научивме за време на овие локални избори и сум сигурен дека тоа ќе го спроведеме во периодот што следи“, порача претседателот на СДСМ
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека во период од наредните неколку месеци ќе се работи на проширување на опозициската платформа не само за политички чинители туку и за граѓански организации бидејќи, како што рече, СДСМ е единствена политичка сила која може да ѝ парира и да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ.

„Потребен ни е многу поширок, посилен и поорганизиран фронт – тоа е една од лекциите кои ги научивме за време на овие локални избори и сум сигурен дека тоа ќе го спроведеме во периодот што следи“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Потврди дека следуваат промени во раководството и политиките на СДСМ, но како што рече, идеолошката база и идеолошките политики на Социјалдемократскиот сојуз остануваат исти. Додаде дека подолг период се работи и на програмата која се однесува на различни сектори согласно вредносните политики на СДСМ.
Филипче рече дека ги следи реакциите и незадоволството во јавноста, но и во партиското членство, во врска со изборните резултати на СДСМ, за кои рече дека се должат на неисполнети очекувања.
„Разговарам со многу луѓе, ги пратам и реакциите кои стигнуваат до мене преку социјалните мрежи. Ја разбирам негативната емоција, сметам дека се должи на неисполнети очекувања во очи изборите и ги разбирам граѓаните. Сметам дека кога емоциите ќе спласнат ќе може да се дебатира поразумно, пофер и поотворено. Од бројните разговори ќе ги водам ќе ги изберам најдобрите луѓе кои ќе бидат дел од тимот во следниот период. Најавив дека тоа ќе се случи оваа недела, но сепак ќе треба повеќе време, не сакам да се избрза со тој процес“,
додаде лидерот на СДСМ и најави дека ќе следува динамичен период согласно движењата во опозицискиот блок.
Филипче претходно најави дека по завршување на локалните избори ќе следуваат кадровски промени во раководството на партијата. Тој лично рече дека нема да поднесе оставка од претседател на СДСМ, но додаде дека изборите се јасен патоказ за партијата и за него за тоа какви политички и кадровски промени треба да се направат.
- Филипче прогласи победа на СДСМ во три општини во вториот круг
- Филипче најави кадровски промени во раководството на партијата по изборите
По вториот изборен круг од локалните избори оставка поднесе една од потпретседателките на СДСМ, Ана Чупеска.
