Повредените пациенти веднаш се упатени на лекување во Клиничкиот центар на Универзитетот во Тузла. Меѓу нив, покрај корисниците на Домот за стари лица, се и пожарникари, полицајци, медицински работници и вработени во Домот
Најмалку 10 лица загинаа, а околу дваесет се повредени во пожарот што вчеравечер избувна во пензионерски дом во Тузла, пренесуваат босанските медиуми, наведувајќи дека се стравува оти бројот на жртви може да биде поголем.

Пожар од големи размери зафати дел од зградата на пензионерскиот дом во Тузла. Со брза интервенција, тој е ставен под контрола и е изгаснат од страна на припадници на Противпожарна бригада Тузла, со поддршка на Противпожарна бригада на Сребреник, доброволните противпожарни бригади на Горна Тузла и Тузла и Полициската управа на Тузланскиот кантон.
Повредените пациенти веднаш се упатени на лекување во Клиничкиот центар на Универзитетот во Тузла. Меѓу нив, покрај корисниците на Домот за стари лица, се и пожарникари, полицајци, медицински работници и вработени во Домот.
Докторите посочија дека неколку пациенти се лекуваат од труење со јаглерод моноксид.
Надлежните органи соопштија дека ги преземаат сите мерки и активности за расветлување на околностите што доведоа до овој трагичен настан.
Како што објавија локалните медиуми, а потврди полицијата, пожарот избувнал во 20:45 часот на седмиот кат од зградата на пензионерскиот дом, а е изгаснат во 22 часот.
Почнало да гори на еден од повисоките катови, а според првичните информации, пожарот зафатил еден од становите, од кој се ширел густ чад.
Набрзо на местото на настанот пристигнале неколку противпожарни возила, полициски и екипи на брзата помош, а поддршка пружиле и противпожарни екипи од соседните градови.
