Во делот за борба против корупцијата, оценката на Европската комисија е идентична со онаа за судството, односно дека земјата е „помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и не постигна никаков напредок во превенцијата и борбата против корупцијата“
Во Извештајот на ЕК за напредокот на земјава за 2025 година се нотира и дека трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани открила трајни системски предизвици во врска со, како што се наведува , спроведувањето на антикорупциските мерки
Обвинението против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, што доведе до нејзина оставка, е уште еден сегмент на кој се осврнува извештајот, а кој, според ЕК, го довел во прашање кредибилитетот на оваа институција. Европската комисија, во овој контекст, дава критички препораки до Антикорупциска, што треба да ги преземе во рамките на своите надлежности
Генерално, нема напредок. Вака Европската комисија (ЕК) сумирано го оценува С Македонија земјата во делот кој се однесува на судството и фундаменталните права во Извештајот за напредокот на земјата кон Европската Унија за 2025 година, објавен денеска.

Извештајот се однесува на напредокот што земјава го постигнала во спроведувањето на реформите и приспособувањето со законодавството на Европската Унија во периодот од една година, односно од минатогодишниот извештај до денес.
„Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка во примената на законодавството на ЕУ и европските стандарди во оваа област (судство и фундаментални права, односно Поглавјето 23). Генерално, немаше напредок“,
се вели во Извештајот за 2025 година.
Забелешки и препораки за судството
Осврнувајќи се на функционирањето на судството, Европската комисија особено директно се осврнува на независноста и финансиската автономија на судството.
Во оваа насока во Извештајот се нотира дека целокупната независност и финансиската автономија на судството е поткопана од мешањето и притисокот од другите гранки на државната власт, наведувајќи ги во овој контекст интерпелациите на членови на Судскиот совет, што без изгласани во парламентот.
„Земјата започна со спроведување на Стратегијата за судска реформа (2024-2028) и продолжи да ги спроведува препораките на (Оценската) мисија за реформи во Судскиот совет од 2023 година. Целокупната независност и финансиска автономија на судството е поткопана од мешањето и притисокот од другите државни гранки, вклучително и обидите на парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, како и ограничените доделени финансиски ресурси“,
се наведува во Извештајот на ЕК за С Македонија за 2025 година.
Кога станува збор за судството, во него се нотира и дека загрижува недостатокот на персонал, бидејќи влијае на квалитетот и на ефикасноста на правосудниот систем.
Во однос на препораките на Комисијата од минатата година, се наведува дека тие се спроведени само во ограничена мера, па затоа Комисијата препорачува три конкретни подрачја на кои властите во земјава треба да се фокусираат во текот на наредниот едногодишен период:
- да усвои нов Закон за граѓанска постапка, во согласност со европските стандарди, и да го забрза спроведувањето на Стратегијата за судска реформа;
- да го зајакне Судскиот совет со усвојување на ревидирана законска рамка и да продолжи да ја зголемува неговата транспарентност и независност, во согласност со препораките од Оценската мисијата од 2023 година и мислењето на Венецијанската комисија, и да го забрза спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси за судството и јавното обвинителство;
- да обезбеди дека Автоматизираниот информациски систем за управување со судски предмети (ACCMIS) е целосно функционален и компатибилен со нивото на сложеност на судските предмети и методот за оценување на судиите и претседателите на судовите.

Трагедијата во Кочани се најде во Извештајот
Во делот за борба против корупцијата, оценката на Европската комисија е идентична со онаа за судството, односно дека земјата е „помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и не постигна никаков напредок во превенцијата и борбата против корупцијата“.
Корупцијата, нотира извештајот, останува распространета во многу области и е прашање од сериозна загриженост.
Комисијата во овој контекст се осврнува на пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани од 16 март годинава, во кој загинаа 63 лица (во Извештајот стои 62), а повеќе од 190 беа повредени.
Според ЕК, трагедијата открила трајни системски предизвици во врска со, како што се наведува , спроведувањето на антикорупциските мерки.
„Превентивните мерки и ефективното потиснување на корупцијата треба да се подобрат“,
се вели во Извештајот.
Обвинението против Димитровска и кредибилитетот на ДКСК
Обвинението против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, што доведе до нејзина оставка, е уште еден сегмент на кој се осврнува извештајот, а кој, според ЕК, го довел во прашање кредибилитетот на оваа институција.
Европската комисија дава критички препораки до Антикорупциска, што треба да ги преземе во рамките на своите надлежности.
Од Комисијата наведуваат дека Антикорупциска треба проактивно да дава насоки во однос на политиките за спречување на корупцијата, откривање и пријавување на случаи на корупција и да ја зголеми својата ефикасност во проверката на анкетните листови на функционерите и надзорот врз финансирањето на изборните кампањи. Паралелно, нејзините препораки треба ефикасно да се следат, се додава во извештајот.

Регрутација на специјализиран персонал и добивање финансиска поддршка се препораките што ЕК ги има во однос на Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот.
Во извештајот се нотира и дека судските случаи за корупција на високо ниво често доживуваат одложувања, достигнуваат рок на застарување или резултираат со минимални казни, што го зајакнува скептицизмот на јавноста за ефикасноста на борбата против корупцијата.
Европската комисија наведува оти се потребни и целни проценки на ризикот и специфични мерки за справување со корупцијата во најранливите сектори.
Кога станува збор за за борбата против корупцијата, од Европската комисија велат дека во наредниот период до следниот извештај, Северна Македонија треба да ги засили напорите и да постигне резултати во три главни сегменти.
Да се донесе нов Кривичен законик
Првиот што е наведен, е да се усвои нов Кривичен законик во согласност со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди. Понатаму:
- да ја подобри својата евиденција за резултати во случаите на корупција на високо ниво – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонења, конечни пресуди и наплата, вклучувајќи конфискација на криминално стекнат имот, конфискација врз основа на вредност, проширена конфискација и конфискација од трети страни;
- да ја подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, да одговори на препораките на Групата на држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) и да ја изготви новата антикорупциска стратегија за 2026-2030 година;
- да додели доволно човечки и финансиски ресурси, вклучително и финансиски експерти, на: (i) Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за да се обезбеди ефикасна одговорност во случаите на корупција на високо ниво; и (ii) Државната комисија за спречување на корупција за да ја подобри проверката на анкетните листови за имотот и надзорот врз финансирањето на изборните кампањи.
Во делот на фундаменталните права, Извештајот нотира дека правната рамка во оваа сфера е делумно усогласена со законодавството на ЕУ и европските стандарди и дека земјата продолжува да ги исполнува своите општи обврски, но законодавството, се додава, треба да се спроведува на систематски начин.
Комисијата нотира дека е потребно да се избере нов Народен правобранител и осум негови заменици за регионалните и канцелариите во Скопје.
Извештајот констатира и дека не е постигнат напредок во заштитата на личните податоци, како и дека целокупната состојба во затворите останува „ужасна“, иако инфраструктурата е делумно подобрена во неколку казнено-поправни установи.
Во оваа насока се и препораките на Комисијата дека во следната година земјава треба да се справи со „ужасните услови во затворите“ и да продолжи со напорите за промовирање на алтернативните мерки на казнување.
Нотирана е и потребата од избор на Народен правобранител и поголеми финансии и човечки ресурси за Канцеларијата на Омбудсманот и на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за да можат да функционираат независно и ефикасно.
Од ЕК бараат и обезбедување соодветна поддршка на ранливите категории деца, особено на децата жртви на насилство, децата Роми и децата со попреченост.
