„Очекуваме од Државната изборна комисија фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе како и во првиот круг, со целосна транспарентност, точност и професионализам, во согласност со законот и со волјата на граѓаните“, соопшти на прес-конференција портпаролот на коалицијата, Дритон Сулејмани
Процесот на гласање во вториот круг од локалните избори во целина се одвиваше во мирна и демократска атмосфера во сите општини во кои денеска се одржа гласањето, вклучително и во општините каде учествуваше коалицијата ВЛЕН. Ова веднаш по затворањето на избирачките места, на прес-конференција го соопшти портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, посочувајќи дека според информациите од терен, процесот на гласање се одвиваше без никакви неправилности и во духот на граѓанската одговорност.

„ВЛЕН изразува благодарност до сите граѓани што денеска го остварија своето избирачко право мирно и достоинствено, покажувајќи на тој начин висока демократска култура. Истовремено, очекуваме од Државната изборна комисија фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе како и во првиот круг со целосна транспарентност, точност и професионализам, во согласност со законот и со волјата на граѓаните“,
кажа тој.
Како што додаде Сулејмани, нивните информации од терен говорат дека кандидатите на коалицијата ВЛЕН добија широка поддршка во сите општини каде настапуваат, како и дека очекуваат резултати што ќе ја потврдат таа доверба.
Инаку, во штабот на кандидатот за градоначалник на Тетово од ВЛЕН, Билал Касами, најавија дека првите резултати од нивниот аналитички центар ќе ги имаат околу 20:30 часот.
