Американскиот претседател вчера, како што пренесе Ројтерс, и наредил на американската војска веднаш да го рестартира процесот на тестирање на нуклеарно оружје по прекин од 33 години, потег што се чинеше како порака до соперничките нуклеарни сили Кина и Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повтори дека САД планираат да ги рестартираат тестирањата со нуклеарно оружје, доколку другите земји го направат тоа.
„Ќе дознаете многу наскоро, но ќе направиме некои тестирања. Ќе спроведеме тестови, да, другите земји го прават тоа. Ако го сторат тоа, и ние ќе го направиме истото“,
рече Трамп пред новинарите во авионот „Ер форс уан“ додека леташе кон Палм Бич, Флорида, но не наведе повеќе детали.
Тој не одговори и за каков вид на нуклеарни проби станува збор.
„Нема да кажам. Знам точно што правиме и каде го правиме тоа, но другите земји го прават тоа, па ако можат тие, можеме и ние“,
додаде Трамп.
Трамп вчера, како што пренесе Ројтерс, и наредил на американската војска веднаш да го рестартира процесот на тестирање на нуклеарно оружје по прекин од 33 години, потег што се чинеше како порака до соперничките нуклеарни сили Кина и Русија.
Трамп, соопштението го објавил на неговата платформа Трут соушал (Truth Social) додека патувал на средбата со кинескиот претседател Си Ѓинпинг во Бусан, Јужна Кореја.
„Поради тестирањето на програмите на другите земји, му наложив на Министерството за војна да започне со тестирање на нашето нуклеарно оружје на рамноправна основа. Тој процес ќе започне веднаш. Русија е втора, а Кина е на далечно трето место, но таму и ќе биде во рок од 5 години“,
објави Трамп.
Од објавата на Трамп, како што додава агенцијата, не е јасно дали Трамп мислел на тестирање со нуклеарни експлозии, кое ќе го спроведе Националната администрација за нуклеарна безбедност, или на тестирање во лет на нуклеарни ракети.
Ниту една нуклеарна сила, со исклучок на Северна Кореја во 2017 година, не спроведе тест со нуклеарна експлозија повеќе од 25 години.
