За набавка на околу 880 000 килограми домашно овошје, колку што се предвидени за оваа намена, како што информираат Министерството за земјоделство, се издвоени 40 милиони денари, односно околу 650 000 евра
Секое дете во градинките во државата еднаш неделно ќе добива по еден килограм овошје, како дел од дневната ужинка. Ова го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, за време на денешната посета на детската градинка „Срничка“ во општина Аеродром.

Инаку, станува збор за мерка согласно Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје за 2025, објавена на почетокот на февруари, според која околу 38 000 деца од сите градинки во државата ќе добиваат домашно и квалитетно овошје, соопштија од Министерството.
За набавка на околу 880 000 килограми домашно овошје, колку што се предвидени за оваа намена, како што информираат оттаму, се издвоени 40 милиони денари, односно околу 650 000 евра.
Мерката е предвидено да трае три месеци, во текот на кои, според Министерството за земјоделство, секое дете ќе добива еден килограм овошје неделно, односно по два вида овошје неделно, што ќе се консумира во градинките како дел од дневната ужинка.
„За првпат се предвидени и количини на овошје од органско потекло, што претставува дополнителен квалитет во исхраната на најмалите. Оваа Програма претставува инвестиција во здравјето на најмалите, градење +навики за здрава исхрана од најрана возраст и конкретна поддршка за македонските земјоделци“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Оттаму додаваат дека преку директната набавка на домашно овошје, Министерството придонесува за зајакнување на земјоделското производство и обезбедување стабилен пазар за земјоделците.

Ова денеска го истакнал и ресорниот министер, Трипуновски, велејќи дека секое дете заслужува здрава исхрана, а секој земјоделец заслужува поддршка.
„Децата заслужуваат ‘Македонско најдобро’ од најмала возраст. Секое дете заслужува здрава исхрана, а секој земјоделец заслужува поддршка. Заедно градиме здрава иднина за децата и одржлив развој за македонското земјоделство”,
рекол министерот при посетата на градинката „Срничка“.
