Сирија е 120. земја која ја призна независноста на Косово. Се очекува ваквата одлука на властите во Дамаск да ја налути Србија, која долго време води дипломатски битки за да спречи нови признавања на Косово бидејќи и по 17 години од прогласувањето на неговата независност сè уште го смета за дел од својата територија
Сирија денеска ја призна независноста на Косово, објавија официјални претставници на двете земји, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Косовската претседателка Вјоса Османи во објава на Фејсбук соопшти дека договорот за признавањето на Косово од страна на Сирија бил постигнат во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, со поддршка на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман ал Сауд.
Османи во објавата му се заблагодари на сирискиот претседател Ахмед ал Шара за неговата одлука да го признае Косово и за, како што додава, поддршката на народот на Косово.
Инаку, претседателката на Косово е во Ријад на покана на Мохамед бин Салман, каде што учествува на форумот „Иницијативи за идни инвестиции“.
„Народите на Косово и Сирија многу страдаа и многу жртвуваа за да ја постигнат слободата. Затоа ова меѓусебно признавање денес не е само признавање на државниот суверенитет, туку и признание за жртвите на многу генерации да живеат слободно“,
напиша Османи на социјалната мрежа.
Министерството за надворешни работи на Сирија, пак, објави дека одлуката за признавање на Косово произлегува од верувањето на Сирија во правото на народот на самоопределување и од нејзината посветеност на промовирање на принципите на мир и стабилност на Балканот и во светот.
„Оваа одлука е дел од политиката на Сирија насочена кон проширување на мостовите на соработка и отвореност кон пријателските земји, на начин што им служи на заедничките интереси и ги зајакнува врските на пријателство меѓу народите“,
се вели во соопштението на Министерството на платформата Икс.
Дополнително, оттаму наведуваат дека Дамаск со нетрпение очекува што е можно поскоро воспоставување дипломатски односи со Косово и развој на билатерална соработка во политичката, економската и културната област, со цел да им служи на заедничките интереси на двете земји и двата пријателски народи.
Инаку, Сирија повеќе од една деценија е една од најизолираните земји во светот, која е зафатена од граѓанска војна, економски колапс и големи меѓународни санкции.
Од јануари оваа година на чело на земјата е претседателот Ахмед ал Шара, кој ги предводеше опозициските сили во соборувањето на претседателот Башар ал Асад, со што се стави крај на петдецениското владеење на неговото семејство.
Одлуката на Сирија е трето признавање на независноста на Косово оваа година откако земјата претходно беше призната од две африкански земји – Судан и Кенија, потсетува РСЕ.
Признавањата од страна на овие земји следуваа по извесно забавување на темпото на признавање на Косово во последните години. Пред нив, последната земја што го призна Косово беше Израел во 2021 година.
Сирија е 120. земја која ја призна независноста на Косово. Се очекува ваквата одлука на властите во Дамаск да ја налути Србија, која долго време води дипломатски битки за да спречи нови признавања на Косово бидејќи и по 17 години од прогласувањето на неговата независност сè уште го смета за дел од својата територија.
