Путин додаде дека енергетскиот сектор на Русија се чувствува „сигурен“, иако новите американски санкции ќе доведат до одредени загуби

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека новите американски санкции се обид за притисок врз Русија, додавајќи дека тие нема да влијаат на руската економија. Тој ги нарече „непријателски чин“ што не ги зајакнува нејзините односи со САД, пишува„Гардијан“ повикувајќи се на државаната руска новинска агенција РИА.
Тој рекол дека одговорот на Москва на нападите длабоко во Русија ќе биде многу сериозен и поразителен, додавајќи дека Русија никогаш нема да се поклони пред притисокот од странство.
Путин додаде дека енергетскиот сектор на Русија се чувствува „сигурен“, иако новите американски санкции ќе доведат до одредени загуби.
Соединетите Американски Држави воведоа санкции врз двете најголеми руски нафтени компании, кои сочинуваат повеќе од половина од извозот на сурова нафта во Русија. Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе санкции врз Русија, сппоред „Гардијан“, е пресврт од неговата претходна политика, кога одби да воведе санкции сè додека западните земји не престанат да купуваат руска енергија.
„Секоја финансиска институција што помага во спроведувањето трансакции за овие компании сега ќе размисли двапати пред да го стори тоа“,
вели Елина Рибакова, виш соработник во Институтот за меѓународна економија Петерсон, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.
Таа вели дека доколку банката биде фатена како работи со компании под санкции, „ќе го изгуби пристапот до американските пазари, американскиот долар и американските платни системи“.
„Со други зборови, ќе престане да постои како банка“,
додава таа.
Иако Русија може да се обиде да го скрие потеклото на својата нафта за да избегне санкции, сепак ќе мора да ги намали извозните цени за да го неутрализира ризикот за купувачите што работат со неа.
Кина изјави дека се спротивставува на неодамнешните санкции што САД ги воведоа врз двете најголеми руски нафтени компании поради војната на Москва во Украина, велејќи дека тие „немаат основа во меѓународното право“.
Кина, која е главен руски трговски партнер, изјави дека зазема неутрален став во врска со војната и се воздржа од осуда на целосната инвазија на Москва во Украина во 2022 година.
